Неделотворен службен одговор на насилството врз жените

Во предметот Тершана против Албанија (жалба бр. 48756/14,04.08.2020) Европскиот суд за човекови права едногласно утврди дека не дошло до повреда на член 2 (право на живот) од Европската конвенција за човекови права, како и дека дошло до повреда на член 2 од Конвенцијата (во делот на истрагата).

Предметот се однесуваше на напад со киселина врз жалителката во 2009 година. Таа одела по улица во Тирана кога неидентификуван напаѓач истурил киселина врз неа. Таа била пренесена во болница во критична состојба, претрпела изгореници од 25% на лицето и горниот дел од телото. Наскоро по нападот, заминала во Италија на специјалистичко лекување и таму била подложена на најмалку 14 операции во периодот помеѓу 2009 и 2012 година. Обвинителството веднаш отворило истрага за нападот. Жалителката дала изјава во која се вели дека не го препознала напаѓачот, но дека се сомнева дека нападот го организирал нејзиниот поранешен сопруг, кој во минатото бил насилен кон неа и се заканувал дека ќе ја убие.

Судот поконкретно утврди дека државата не може да биде одговорна за нападот. Доколку таа знаела за ризикот за жалителката, би била нејзина должност да преземе превентивни мерки. Но, во конкретниот случај, националните власти дознале за насилното однесување на поранешниот сопруг на жалителката дури по инцидентот.

Од друга страна, истрагата во врска со овој напад, кој имал обележја на родово насилство, и според тоа, требало да ги поттикне властите да реагираат со посебна внимателност, не резултирала дури ни со идентификација на супстанцата фрлена на неа. Истрагата била запрена во 2010 година без притоа да се идентификува одговорното лице, и оттогаш на жалителката не и‘ се дадени никакви информации за нејзиниот напредок, и покрај тоа што таа повеќепати покажала интерес за тоа.  Судот не можеше да прифати дека во такви околности одговорот на властите на нападот со киселина бил делотворен. Оттаму, дошло до процедурално кршење на членот 2.

Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права