Неделотворна истрага за наводите за сексуално злоставување во дом за деца без родители

Во предметот Х и други против Бугарија (жалба бр. 22457/16, 02.02.2021), Европскиот суд за човекови права утврди дека дошло до повреда на процедуралниот аспект на членот 3 (забрана на нечовечно или понижувачко постапување) од Европската конвенција и дека не дошло до повреда на материјалниот аспект на членот 3 од Европската конвенција за човекови права.

Предметот се однесуваше на наводи за сексуално злоставување на три деца во еден бугарски дом за деца без родители пред нивното посвојување од страна на италијански пар во јуни 2012 година.

Судот утврди дека жалителите, поради нивната млада возраст и нивниот статус на деца без родителска грижа сместени во институција, биле во особено ранлива положба и дека сексуалното злоставување и насилство на кои тие наводно биле подложени, доколку се потврдат, се доволно сериозни за да се разгледуваат низ опсегот на примена на членот 3 од Конвенцијата.

Судот поконкретно утврди дека не располага со доволно информации за да утврди дека бугарските власти знаеле или требало да знаат за постоење на реален и непосреден ризик од малтретирање на кој биле изложени жалителите до степен кој повлекува обврска да се преземат превентивни оперативни мерки за нивна заштита од таков ризик. Соодветно на тоа, не дошло до повреда на материјалниот аспект на членот 3 од Конвенцијата.

Сепак, Судот сметаше дека истражните органи не ги искористиле достапните истражни механизми и механизми за меѓународна соработка со италијанските власти. Мноштво докази биле доставени до бугарската влада, како што се снимки и фотографии, документи во кои се содржеле прецизни детали и се именувале конкретни лица како сторители на наводна злоупотреба, извештаи од психијатар, докази за злоупотреба на други деца во домови за деца без родители и слично.

Иако веројатно треба да се признае дека не било препорачливо бугарските власти да ги сослушуваат жалителите со оглед на ризикот од понатамошно влошување на траумата што ја претрпеле, Судот сметаше дека во овие околности бугарските власти требало да ја проценат потребата да побараат такво сослушување. Одлуките донесени од органите на прогонот не содржеле никакво образложение во врска со ова и се чини дека не била ниту разгледана можноста за нивно сослушување, веројатно од единствена причина што тие не живееле во Бугарија.

Понатаму, и покрај фактот што биле отворени три истраги по објавувањето на написите во медиумите и барањата од италијанските власти, бугарските власти ги ограничиле своите напори на сослушување на лицата присутни во домот или во неговата близина, и го затвориле предметот само врз основа на тој истражен метод.

Судот забележа дека истражните органи го намалиле опсегот на истрагата заклучувајќи дека наводите на жалителите се лажни. Според Судот, сите овие размислувања сугерираат дека истражните органи не ги презеле сите разумни мерки за расветлување на фактите во овој предмет и не спровеле целосна и внимателна анализа на расположливите докази. Утврдените пропусти се доволно сериозни за да се смета дека спроведената истрага не била делотворна за целите на членот 3 од Конвенцијата, толкувана низ призмата на другите применливи меѓународни инструменти, а особено низ призмата на  Конвенцијата на Советот на Европа за заштита на децата од сексуална експлоатација и сексуална злоупотреба („Конвенција од Ланзароте“). Оттаму, во овој предмет е утврдена повреда на процедуралниот аспект од членот 3 од Конвенцијата.

Преземено од Европскиот суд за човекови права