Нема повреда на член 8 при повлекување на дозвола за постојан престој поради осудителна пресуда за трговија со дрога

Во предметот Вељковиќ-Јукиќ против Швајцарија (жалба бр. 59534/14, 21.07.2020), Европскиот суд за човекови права утврди дека не дошло до повреда на член 8 (право на почитување на приватниот и семејниот живот) од Европската конвенција за човекови права.

Предметот се однесуваше на повлекувањето на дозвола за постојан престој на хрватска државјанка која од 14-годишна возраст живеела во Швајцарија, поради тоа што била кривично осудена за трговија со дрога, како и на нејзиното можно отстранување од Швајцарија. 

Судот сметаше дека одлуката за повлекување на дозволата за постојан престој на жалителката и за издавање на налог за нејзино отстранување од Швајцарија претставува мешање во нејзиното право на „приватен“ и „семеен“ живот, со оглед на многу долгиот период поминат во Швајцарија и на фактот дека таму живеела со сопругот и децата. Мешањето било во согласност со Федералниот закон за странци и имало легитимна цел: спречување на неред или криминал. Во однос на тоа дали мерката била неопходна во едно демократско општество, Судот го забележа следново.

Судот утврди дека Швајцарија не го пречекорила своето поле на слободна проценка, особено со оглед на сериозноста на нејзината осудителна пресуда за дело поврзано со дрога и фактот дека жалителката и членовите на нејзиното семејство би можеле да се интегрираат без поголеми потешкотии во една од земјите-дестинации предложени од Федералниот врховен суд: Босна и Херцеговина, Хрватска или Србија.

Судот забележа дека на жалителката и’ бил одбиен влез на територијата на Швајцарија за период од седум години (до 30 август 2021 година) и дека Федералниот закон за странци и’ овозможил да побара привремено суспендирање на оваа наредба за да може да го посети своето семејство во Швајцарија. Како последица на тоа, посебно имајќи ја предвид сериозноста на осудителната пресуда на г-ѓа Вељковиќ-Јукиќ за дело поврзано со дрога и фактот што таа и членовите на нејзиното семејство би можеле да се интегрираат без поголеми потешкотии во една од земјите-дестинации предложени од Федералниот врховен суд (Босна и Херцеговина, Хрватска или Србија), Судот сметаше дека Швајцарија не го пречекорила своето поле на слободна проценка. Оттаму, не беше утврдена повреда на членот 8 од Конвенцијата.

Сепак, Судот сметаше дека е пожелно националните власти да ја преиспитаат состојбата на г-ѓа Вељковиќ-Јукиќ во светло на случувањата по пресудата на Федералниот врховен суд пред да одлучат дали да ја спроведат мерката, особено имајќи го предвид нејзиното однесување во текот на постапката и можноста да поднесе барање за нова дозвола за престој (дел 43 од Федералниот закон за странци).

Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права