Ограничување на правото на глас на националните малцинства

Во предметот Бакирџи и Е.Ц. против Унгарија (претставки бр. 49636/14 и 65678/14, 10.11.2022 година) во врска со гласачкото правото на подносителите на претставките, регистрирани како гласачи од национално малцинство за парламентарните избори во Унгарија во 2014 година, Судот утврди повреда на член 3 од Протоколот бр. 1 во врска со член 14 од Конвенцијата.

Европскиот суд за човекови права утврди дека системот, којшто бил воспоставен за да се обезбеди политичка застапеност на националните малцинства во Унгарија, на крајот ја ограничил нивната политичка ефективност и претставувал закана од намалување, наместо зголемување на различноста и учеството на малцинствата во политичкото одлучување. Кандидатите од националните малцинства биле обврзани да го обезбедат потребниот број гласови само од гласачкото ливче на избирачите од национално малцинство кои припаѓаат на истата малцинска група како и самите тие, што ги ставало во многу поинаква ситуација од другите кандидати, кои можеле да добиваат гласови од вкупното избирачко тело со право на глас. Слично на тоа, другите членови на избирачкото тело можеле слободно да се здружуваат со кој било друг истомисленик заради унапредување на политичките убедувања, додека кандидатите и гласачите од националните малцинства биле ограничени на својата национална заедница. Овој недостаток на изборниот процес не се засновал на сопствениот избор на кандидатите од националните малцинства или на избирачите да се здружат со мала политичка интересна група од населението, туку произлегол од владина одлука.

Судот се сомневаше дека системот во кој може да се гласа само за конкретна затворена листа на кандидати (т.е. без можност за изразување претпочитање на конкретен(ни) кандидат(и)) и кој бара од гласачите да ги напуштат своите партиски определби за да бидат застапени како припадници на малцинство обезбедува „слободно изразување на мислењето на луѓе при избирањето на законодавните власти“.

Судот сметаше дека, откако било одлучено да се воспостави систем чија цел е елиминирање или намалување на бројот на случаи на нееднаквост во политичката застапеност, сосема природно било таа мерка да треба да помогне да им се овозможи на националните малцинства да учествуваат во изборот на законодавните власти рамноправно со другите, наместо да претставува продолжување со практиката на исклучување на малцинските претставници од политичкото одлучување на национално ниво. Во овој случај, системот што бил воспоставен ја ограничил нивната политичката ефективност како група и се заканувал да ја намали, наместо да ја зголеми различноста и учеството на малцинствата во политичките одлуки.

Судот едногласно одлучи дека ограничувањата на гласачките права на подносителите на претставките претставувале повреда на член 3 од Протоколот бр. 1 од Европската конвенција за човекови права (право на слободни избори) во врска со член 14 (забрана на дискриминација) од Конвенцијата.

Преземено од официјалната веб-страница на Европскиот суд за човекови права