Одбивањето да му се даде пристап на притворен адвокат до одредени веб-страници со цел да ја подготви својата одбрана претставува нарушање на неговата слобода на изразување

Во предметот  Рамазан Демир против Турција (жалба бр. 68550/17, 09.02.2021), Европскиот суд за човекови права едногласно утврди дека дошло до повреда на членот 10 (слобода на изразување: слобода на примање информации и идеи) од Европската конвенција за човекови права.

Предметот се однесуваше на одбивањето на затворските власти да го одобрат барањето на г-дин Демир за пристап до одредени веб-страници додека бил во истражен затвор во затворот Силиври во 2016 година. Г-дин Демир, адвокат, сакал да пристапи до веб-страниците на Европскиот суд за човекови права, Уставниот суд и Службен весник, со цел да ја подготви своја одбрана и да ги следи предметите на неговите клиенти.

Судот сметаше дека со оглед на тоа што пристапот на затворениците до одредени веб-страници кои содржат правни информации веќе бил дозволен со закон во Турција за целите на обука и рехабилитација, ограничувањето на пристапот на г. Демир до горенаведените страници, кои содржеле само правни содржини што може да бидат релевантни за развојот и рехабилитацијата на жалителот во контекст на неговата професија и интереси, претставувало мешање во неговото право да прима информации. Во врска со ова, Судот забележа дека домашните судови не дале задоволително објаснување зошто  на г. Демир не би му се овозможил пристап до веб-страницата на Европскиот суд, Уставниот суд или Службен весник за целите на обука и рехабилитација, што би било во согласност со националното законодавство, ниту за тоа дали и зошто г-дин Демир требало да се смета за затвореник кој претставува опасност или е припадник на нелегална организација, заради што пристапот на интернет би можел да му биде ограничен.

Понатаму, ниту властите ниту Владата не објасниле зошто оспорената мерка била неопходна во конкретниот случај кога станува збор за легитимните цели за одржување на редот и безбедноста во затворот и превенцијата на криминалот. Оттука следува дека предметното мешање не било неопходно во едно демократско општество.

Иако тоа што националните власти го зеле предвид  безбедносниот аспект требаше да се смета за релевантно, Судот забележа дека националните судови не спровеле детална анализа на безбедносните ризици што би произлегле доколку на г-дин Демир му се допуштело да им пристапи на овие три веб-страници, особено со оглед на тоа што станува збор за веб-страниците на државни органи и на меѓународна организација и г-дин Демир би имал пристап до нив само под надзор на властите и под услови утврдени од нив.

Според тоа, Владата не успеала да докаже дека причините наведени од националните власти за да ја оправдаат оспорената мерка се релевантни и доволни или дека ова мешање било неопходно во едно демократско општество. Оттаму, следува дека во овој предмет дошло до повреда на членот 10 од Конвенцијата.

Преземено од официјалниот вебсајт на Европскиот суд за човекови права