Одбивањето на барања за азил и враќањето на барателите на азил во Србија не било во согласност со Конвенцијата

Во предметот Илиас и Ахмед против Унгарија (жалба бр. 47287/15 од 21 ноември 2019 година), Европскиот суд за човекови права („ЕСЧП“) го утврди следново:

  • дошло до повреда на член 3 (забрана на тортура или нечовечко или понижувачко постапување) од Конвенцијата за човекови права (Конвенцијата) заради пренесувањето на жалителите во Србија;
  • не дошло до повреда на член 3 од Конвенцијата во однос на условите во транзитната зона, и
  • дека претставките на жалителите според член 5, став 1 и 4 од Конвенцијата (право на слобода и безбедност) се одбиваат како недопуштени.

Предметот се однесуваше на двајца баратели на азил од Бангладеш кои поминале 23 дена во унгарската гранична транзитна зона пред да бидат вратени во Србија, откако им биле одбиени барањата за азил.

ЕСЧП забележа дека Унгарија започнала да ја класифицира Србија како безбедна трета земја од јули 2015 година. Во поднесоците на унгарската влада до Големиот судски совет таа потврдила дека промената во класификацијата се должи на фактот што Србија е обврзана со меѓународните конвенции; што како земја кандидат за пристапување кон Европската унија таа го подобрила својот систем за азил; и дека во тоа време имало невиден бран на мигранти, односно дека било неопходно да се преземат мерки. Сепак, Владата не достави докази дека нејзините надлежни институции го испитале ризикот од недостаток на ефикасна постапка за азил или ризик од враќање.

Во однос на индивидуалните околности на жалителите, ЕСЧП забележа дека властите имале пристап до извештаите за состојбите во Србија, особено до оние што ги составува УНХЦР. Сепак, властите не придале доволно значење на ваквата загриженост, како што е фактот дека на некои лица во Србија им бил ускратен пристапот до постапката за азил.

Унгарските власти дале свој придонес за зголемување на ризиците на кои може да бидат изложени жалителите, принудувајќи ги да се вратат нелегално во Србија без да добијат никакви гаранции од српските власти. Според тоа, ЕСЧП утврди дека Унгарија не ја исполнила својата процедурална обврска да го процени ризикот со кој се соочуваат жалителите со кои се постапувало спротивно на член 3 од Конвенцијата пред да ги врати во Србија. Следствено, овде дошло до кршење на член 3 од Конвенцијата.

При воспоставувањето на својата судска пракса, ЕСЧП утврди дека членот 5 од Конвенцијата не бил применлив во случајот на жалителите затоа што не дошло до лишување од слобода во транзитната зона.

Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права