Отплата во евра на кредит земен во швајцарски франци

Во својата одлука во предметот Антонопулу против Грција (жалба бр. 46505/19) Европскиот суд за човекови права едногласно ја прогласи жалбата за недопуштена.

Предметот се однесуваше на склучување договор за кредит и отплата на кредитот. Подносителката се жалеше дека морала да ѝ врати на банката износ во евра што е далеку поголем од износот што го позајмила во швајцарски франци.

Судот сметаше дека жалителката не била свесна за ризикот поврзан со земањето на кредит во швајцарски франци, како и ризикот дека толку силна валута може да флуктуира во нагорен тренд во текот на 25-годишниот рок на отплата на кредитот. Три години таа била осигурана од ризикот на зголемување на нејзините месечни рати како резултат на порастот на девизниот курс и можела да го обнови таквото осигурување. Според договорот за кредит, таа во секое време можела да побара кредитот да се конвертира во евра. И на крајот, жалителката потпишала четири спогодби во врска со првичниот договор со банката, кои се однесувале на намалување на месечните рати, продолжување на роковите за отплата, па дури и привремено суспендирање на некои од ратите.

Судот забележа дека домашното право ѝ овозможило на жалителката соодветни правни лекови преку кои таа можела да ги побара заштита на своето право на имот. Таа го искористила правниот лек поднесување на барање до граѓанските судови за поништување на клаузулата од договорот која ја сметала за неправедна. Таа, исто така, имала можност да поднесе барање до судовите за изменување, па дури и раскинување на договорот, според член 388 од Граѓанскиот законик. Покрај тоа, според условите на договорот, таа можела да побара од банката во кое било време да го конвертира кредитот во евра и да го продолжи осигурувањето од зголемување на месечните рати. На крајот, во врска со делотворноста на правниот лек што таа го избрала, Судот забележа дека на жалителката ѝ била дадена можност да ги изнесе сите свои аргументи пред надлежните судови и да добие пресуда, со детално образложение, од страна на Касациониот суд во полн состав.

Касациониот суд го толкувал домашното право во согласност со соодветната судска пракса на Судот на правдата на Европската унија. Соодветно на тоа, правната рамка воспоставена од државата ѝ обезбедила на жалителката механизам преку кој можела да побара заштита на своите права согласно член 1 од Протокол бр. 1. Судот ја прогласи жалбата за недопуштена како очигледно неоснована.

Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права