Повреда на правото на приватен живот поради неможност за признавање на татковство

Во предметот Којчев против Бугарија (жалба бр. 32495/15, 13.10.2020), Европскиот суд за човекови права едногласно утврди дека дошло до повреда на членот 8 (право на почитување на приватниот живот) од Европската конвенција за човекови права.

Во овој предмет, жалителот тврдел дека е биолошки татко на вонбрачно родено дете и се жалел на фактот дека неговите постапки за признавање на татковството биле одбиени со образложение дека детето било признаено од друго лице, новиот сопруг на неговата мајка.

Судот утврди дека г. Којчев неуспешно се обидел да биде признаен како биолошки татко на детето, поконкретно преку поднесување на изјава заверена на нотар со која се признава татковството, преку поведување на неколку судски постапки и преку контактирање на обвинителството и службите за социјална заштита.

Во однос на причините за ваквото непризнавање изнесени од националните власти, Судот забележа дека образложението усвоено од Врховниот касационен суд и Одделот за социјална заштита во конкретниот случај (имено, ризикот од нарушување на емоционалната и семејната рамнотежа на детето, и недоволната ажурност на г. Којчев при преземањето на чекори за признавање на татковството) и целта на  на домашното законодавство (имено, давање предност на правните односи родител-дете кои соодветствуваат на општествената и семејната реалност), во принцип, можеле да послужат како оправдување за ограничување на можноста на утврдување на биолошкото татковство.

Сепак, Судот утврди дека иако домашните судови и власти во своите одлуки навеле одредени причини кои, според нив, го оправдале одбивањето да му се дозволи на г. Којчев да го утврди своето татковство, процесот на донесување одлуки според кои тие одлуки биле донесени не ја гарантирал потребната заштита на интересите на жалителот и не дозволил детална проценка на фактите или балансирање на различните интереси за кои станувало збор.

Жалителот бил известен за одбивањето на неговото барање од страна на Одделот за социјална помош само преку обични писма, а не преку образложена одлука  која можела да се обжали на суд. Всушност, важечкото законодавство предвидувало дека при одлучувањето дали треба да го искористи своето право да го оспори признавањето на татковството пред суд, Одделот за социјална заштита морал да води сметка за најдобрите интереси на детето, но не морал да ги земе предвид различните интереси за кои станувало збор, особено оние на наводниот биолошки татко. Како што е познато, жалителот тогаш можел да покрене тужба пред граѓанските судови, оспорувајќи го признавањето и бил во можност да го образложи својот случај во контрадикторна постапки. Сепак, се чини дека домашните судови не извршиле детално испитување на ситуацијата преку сослушување на засегнатите страни, а особено преку сослушување на детето. Поконкретно, Врховниот касационен суд, во својата одлука од 11 април 2016 година, се потпрел на заклучоците на Одделот за социјална заштита, кои датирале од пред околу две години, и биле изготвени во рамките на постапки кои не обезбедиле доволни гаранции во однос на интересите на жалителот.

И покрај широкото поле на слободна проценка што ја уживаше државата во вакви прашања, правото на г. Којчев на почитување на неговиот приватен живот не било уважено. Така, овде дошло до повреда на членот 8 од Конвенцијата.

Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права