29 Окт Поединецот го задржува правото да биде заборавен и по кривичната пресуда
Во предметот М.Л. против Словачка (жалба бр. 34159/17, 14.10.2021 година) Европскиот суд за човекови права едногласно одлучи дека дошло до повреда на членот 8 (право на почитување на приватниот и семејниот живот) од Европската конвенција за човекови права.
Предметот се однесуваше на три написи во весници од 2006 година за синот на жалителката – поранешен парохиски свештеник – по неговата смрт, и судската постапка која следувала. Синот на М.Л. бил осуден одделно за сексуална злоупотреба и за загрозување за моралното воспитување на младите луѓе (се обидел да има орален секс без согласност со малолетно момче) и насилничко однесување (поради консензуален орален секс со возрасен маж во јавно место). Написите за него претставувале комбинација на одредени елементи од списите на кривичните предмети кои се однесувале на пресудите на синот на жалителката со несериозни и непроверени изјави за неговото самоубиство.
Иако домашните судови утврдиле дека свештениците може да се третираат како јавни личности, синот на жалителката за Судот не бил позната јавна личност или висок црковен достоинственик. Судот наведе дека поединецот го задржува правото да биде заборавен по изречената кривична пресуда, особено по отслужената казна, со што би се помогнала неговата или нејзината реинтеграција во општеството. Во конкретниот случај, Судот забележа дека синот на жалителката ја отслужил условната казна и дека осудителната пресуда требало да биде избришана.
Судот повтори дека дури и вредносните судови мора да се засноваат на доволно факти за да се сметаат за праведни според Конвенцијата. Разликата помеѓу вредносниот суд и фактички поткрепена изјава на крајот лежи во степенот на фактички доказ што требаше да се утврди. Во предметните написи во овој случај, несериозни и непроверени изјави биле претставени како факти и довеле до осудителни пресуди на синот на жалителката. Овој неуспех да се разликуваат вредносните судови бил особено значаен во однос на известувањето за смртта на ова лице. Судот утврди дека домашните судови не успеале да спроведат соодветна проценка на сите елементи релевантни за предметот и на достапните докази. Понатаму, несериозните изјави на новинарите не претставувале одговорно новинарство.
Во согласност со претходните слични предмети, Судот прифати дека темата сексуална злоупотреба од страна на римокатолички свештеник била тема од јавен интерес. Сепак, сензационалистичките написи во овој случај не дале голем придонес во јавната дискусија во однос на ова прашање. Општо земено, Судот утврди дека домашните судови не успеале да го постигнат рамнотежа помеѓу правото на жалителката на приватен живот и правото на весникот на слобода на изразување, што довело до повреда на членот 8 од Конвенцијата.
Преземено од официјалниот веб сајт на Европскиот суд за човекови права