02 Апр Полово насилство на работното место – блага санкција од хрватските судови
Европскиот суд за човекови права едногласно утврди дека во предметот „Вучковиќ против Хрватска“ (жалба бр. 15798/20, 12.12.2023 год.) имало повреда на членот 3 (забрана за нечовечко и понижувачко постапување) и членот 8 (право на почитување на приватниот и семејниот живот) од Европската конвенција за човековите права.
Предметот се однесуваше на полово вознемирување на работното место. Претставката ја поднесе г-а Вучковиќ, медицинска сестра, која тврди дека нејзиниот колега, возач на амбулантно возило, извршил полово насилство врз неа. При неколкукратните напади, меѓу другото, тој ја допирал и зграпчувал по различни делови од нејзиното тело, се обидел да ја присили на орален секс и ѝ се заканил дека ќе ja отпуштат од работа доколку каже некому за овие случки. Подносителката на жалбата потоа морала да земе боледување поради повреда на раката и последователно пост-трауматско стресно растројство.
Подносителката на жалбата поднела кривична пријава до националниот суд во врска со нападите; при што првично му била изречена затворска казна од 10 месеци. Но апелациониот суд ја преиначил казната во општествено корисна работа, со образложение дека и таквата санкција ќе ја исполни својата казнена функција, бидејќи поминале четири години од првичните напади и сторителот не извршил други кривични дела.
Жалбата беше поднесена до ЕСЧП од страна на подносителката, тврдејќи дека државата ги занемарила своите позитивни обврски согласно предвиденото во членовите 3 и 8 од Конвенцијата. Поточно, подносителката на жалбата наведува дека санкцијата што му била изречена на сторителот не била сразмерна со извршените кривични дела и дека немала одвраќачка природа.
Судот потврди дека силувањето и сериозниот полов напад се квалификуваат под поимот постапување во рамките на опфатот на членот 3 од Конвенцијата. Дополнително, Судот наведе дека таквите дејствија задираат во основните вредности и суштинските елементи од „приватниот живот“ како што е дефинирано во членот 8. Доследно на тоа, Судот нагласи дека членовите 3 и 8 од Конвенцијата им наметнуваат на државите позитивна обврска да донесат кривично законодавство коешто соодветно ќе го санкционира силувањето, како и да го спроведуваат тоа законодавство преку ефикасна истрага и кривичен прогон.
Исто така, Судот забележува дека не е надлежен да го оспори ценењето на домашните судови што утврдиле дека дејствијата на сторителот не ги исполнуваат критериумите за делото обид за силување, туку за „блудни дејствија“. Според тоа, Судот не може, а да не наведе дека секаква сила што сторителот ја употребил против подносителката на жалбата несомнено би требало да биде земена предвид при одмерувањето на казната за сторителот.
Судот забележува дека при одмерувањето на санкциите, домашните судови не зеле предвид неколку фактори што биле релевантни според домашното право, меѓу кои и страдањето на подносителката на жалбата како резултат на делото, однесувањето на сторителот по извршувањето на предметните кривични дела и „неговиот очигледен недостаток на каење или каков било напор да ѝ надомести за штетата што ѝ ја нанел на подносителката на жалбата“.
Дополнително, апелациониот суд не дал никакви издржани оправдувања да каже „зошто самото поминато време – коешто во никој случај не може да се стави на вина на подносителката на жалбата и коешто сигурно само дополнително ја трауматизирало неа (жалителката) како жртва – се цени повеќе отколку горенаведените сериозни отежнувачки околности“.
Следствено на тоа, Судот го донесе следниот заклучок: „Имајќи ја предвид конкретната општествена опасност од насилството врз жените и потребата за борба против него со ефикасни и одвраќачки дејствија, во својот одговор кон насилството што го претрпела подносителката на жалбата, државата не ја исполнила доволно својата процесна обврска за да обезбеди соодветно постапување во однос на повтореното полово насилство што го претрпувала на работното место“. Како резултат на тоа, Судот утврди повреда на членовите 3 и 8 од Конвенцијата.