Посебната заштита на малолетниците мора да биде одлучувачки фактор за државите при разгледувањето на прашањата поврзани со статусот на илегалните мигранти

Во предметот на Ш.Д. и други против Грција, Австрија, Хрватска, Унгарија, Северна Македонија, Србија и Словенија (жалба бр. 14165/16 од 13 јуни 2019 година) Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) едногласно:

– ја прогласи жалбата во однос на Австрија, Хрватска, Унгарија, Северна Македонија, Србија и Словенија за недопуштена како очигледна неоснована;

– ја прогласи жалбата во однос на Грција според членовите 3 и 5 став 1 од Европската конвенција за човекови права („Конвенцијата“) за допуштена;

– откри дека дошло до повреда на член 3 (забрана на нечовечко или понижувачко постапување) од Европската конвенција и повреда на член 5, став 1 (право на слобода и безбедност) во однос на тројцата подносители на жалбата.

Предметот се однесуваше на условите за живот на подносителите на жалбата во Грција – петмина малолетни мигранти без придружба кои влегле во Грција кога имале помеѓу 14 и 17 години и тврделе дека избегале од Авганистан затоа што стравувале за своите животи како припадници на исламското верско малцинство.

Во врска со членот 3 од Конвенцијата, ЕСЧП најпрво заклучи дека условите во притвор на тројцата жалители во различните полициски станици претставуваат понижувачко постапување, истакнувајќи дека притворањето на такви места може да предизвика чувства на изолација од надворешниот свет, со потенцијално негативни последици за нивното физичко и ментално здравје.

Потоа, ЕСЧП сметаше дека властите не сториле сé што можело разумно да се очекува од нив со цел да ја исполнат својата обврска за заштита на четворица од жалителите кои месец дена живееле во кампот Идомени во опкружување кое не било погодно за адолесценти. Грчката држава имала таква обврска во однос на лицата кои биле особено ранливи заради нивната возраст. Според судската пракса на ЕСЧП, државите потписнички на Конвенцијата имале обврска да ги штитат и да обезбедат заштита на малолетните лица без придружба. 

Поточно, во предметите кои се однесуваат на прием на малолетни странци, без оглед дали се тие со или без придружба, треба да се има предвид дека екстремната ранливост на детето е одлучувачки фактор и таа има предност пред прашањата поврзани со статусот на илегалните имигранти.

Во однос на член 5, став 1 од ЕСЧП сметаше дека сместувањето на тројцата подносители на жалбата во полициските станици е лишување од слобода затоа што грчката влада не објаснила зошто надлежните воопшто ги затвориле нив во полициски станици – и во деградирачки услови на притвор – а не во алтернативно привремено сместување. Затоа, нивниот притвор не бил законит.

Преземено од официјалниот вебсајт на Европскиот суд за човекови права