Правата на идните родители-посвоители не можат да бидат над правата на биолошките родители

Во предметот Антковиак против Полска (жалба бр. 27025/17) во врска со спорот за старателство помеѓу жалителите (апликантите)- потенцијални посвојувачи и биолошките родители, Европскиот суд за човекови права  со мнозинство гласови ја прогласи жалбата за недопуштена.

Жалителите, брачен пар, се полски државјани кои сакале да го посвојат бебето на К. Д., жена која за време на бременоста се согласила да им го даде своето дете на усвојување. По раѓањето, жалителите ја започнале постапката за усвојување на детето и одземање на родителското право на биолошките родители. Во меѓувреме, К.Д. се предомислила и ја повлекла дадената согласност за усвојување. Во периодот од април 2011 година до декември 2016 година, овој предмет бил разгледан од страна на две судски процеси. Во текот на постапката, националните судови донеле одлука за дозволување на привремен контакт помеѓу биолошките родители и детето. Во својата конечна одлука, Регионалниот суд во Познан одлучил дека е во најдобар интерес на детето да биде со своите биолошки родители. Поради таквата одлука на националниот суд, апликантите повеле уште една постапка, која сé уште е во тек, во рамките на која бараат да им се ограничат  родителските права на биолошките родители и судот да им додели ним старателство над детото. Во однос на ова барање, националните судови издале привремена наредба детето да остане со жалителите во времетраењето на оваа постапка.

Жалителите пред Европскиот суд за човекови права се повикуваат на наводна повреда на правото кое произлегува од членот 8 од Конвенцијата за човекови права (правото на почитување на приватниот и семејниот живот) кога станува збор за одлуката на полските судови да им го одземат детето како би го вратиле на неговите биолошки родители. Сепак, оваа одлука на полските судови сè уште не е применета бидејќи се чека исходот од правниот спор инициран од страна на жалителите.

Европскиот суд за човекови права со мнозинство гласови ја прогласи жалбата за недопуштена. Судот сметаше дека домашните власти морале да се соочат со тешката и чувствителна задача да воспостават правична рамнотежа помеѓу спротивставените интереси во овој комплексен предмет. Соочени со тешкиот избор помеѓу овие два пара кои ги исполнуваат условите за доделување на детето, примарната грижа на националните судови во донесувањето одлуки бил најдобар интерес на детето, што е во согласност со меѓународното право. Конкретно, Регионалниот суд внимателно го анализирал предметот и воспоставил правична рамнотежа помеѓу односот кој детето го развил со подносителите на жалбата и фактот дека, земајќи ја предвид возраста на детето, не е премногу доцна да му се даде можност да биде израснато од страна на неговите биолошки родители. Судот, згора на тоа, го зема предвид фактот дека националните судови во нивните одлуки се консултирале со психолози, педагози и експерти од областа на образованието на децата.

Врз основа на сите мерки што ги презеле домашните судови, Судот заклучи дека постапката пред националните судови била правична и во рамките на истата се испочитуавни правата на жалителите кои произлегуваат од членот 8 од Европската конвенција.

Преземено од официјалниот веб сајт на Европскиот суд за човекови права.