13 Фев Родова дискриминација поради одбивање на здравствено осигурување за време на бременоста
Во предметот Јурчиќ против Хрватска (жалба бр. 54711/15, 04.02.2021), Европскиот суд за човекови права едногласно утврди дека дошло до повреда на член 14 (забрана на дискриминација) од Европската конвенција за човекови права во врска со член 1 од Протоколот бр. 1 (заштита на имот) од Конвенцијата.
Жалителката била вработена скоро континуирано од 1993 година до 1 ноември 2009 година. На 17 ноември 2009 година таа била подложена на ин витро оплодување. На 27 ноември се вработила во една компанија во Сплит, а следствено била пријавена и добила здравствено осигурување. Таа дознала за својата бременост во декември, а останала на боледување заради компликации поврзани со бременоста. Таа поднела барање за исплата на плата за време на боледувањето. Надлежните власти самите презеле иницијатива да го разгледаат нејзиниот статус на осигуреник. Притоа, тие целосно ѝ го укинале осигурувањето стекнато врз основа на работниот однос, сметајќи дека нејзиното вработување било фиктивно и дека имало за цел да обезбеди остварување право на надомест за време на бременоста. Тие, исто така, сметаа дека таа била здравствено неспособна да стапи во работен однос во далечен град поради процесот на медицински потпомогнато оплодување.
Судот забележа дека, при одлучувањето во предметот на жалителката, домашните органи се ограничиле на заклучокот дека, поради постапката на ин витро оплодување, таа била здравствено неспособна да стапи во предметниот работен однос, што имплицира дека таа морала да се воздржи од стапување во работен однос сé додека нејзината бременост не била потврдена. Тој пристап е директно во спротивност со домашното и меѓународното право и претставува обесхрабрување на жалителката да се вработи заради бременостa. Само ова, според Судот, беше доволно за да се заклучи дека жалителката била дискриминирана врз основа на пол.
Покрај тоа, Судот забележа дека хрватските власти не покажале како вработувањето на жалителката можело да биде лажно со оглед на тоа што таа не можела да знае кога стапила во работен однос дали постапката за ин витро оплодување била успешна, и притоа, таа немала законска обврска да го информира својот работодавач за тоа. Ниту, пак, надлежните органи испитале дали таа воопшто започнала со работа или дали било потребно да изостанува од работа заради здравствени причини, односно заради ин витро оплодувањето.
На крајот, Судот предупреди дека родовото стереотипизирање од страна на властите, како што е забележано во овој предмет, претставува сериозна пречка за постигнување на вистинска суштинска родова еднаквост, една од главните цели на земјите-членки на Советот на Европа.
Нагласувајќи дека негирањето на работниот однос на жалителката односно одбивањето да ѝ се признае правото на надоместоци поврзани со бременоста, значи директна дискриминација врз основа на пол, Судот заклучи дека разликата во третманот на жалителката не била објективно оправдана, што довело до повреда на нејзините права од Конвенцијата.
Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права