22 Јан Северна Македонија го прекрши правото на мирно уживање во имотот
Европскиот суд за човекови права донесе решение во врска со предметот покренат против Северна Македонија од страна на 10 лица. Тие ја тужеле земјата затоа што не ги обесштетила во целост за земјиште што било национализирано во времето кога Северна Македонија беше дел од социјалистичка Југославија.
Судот утврди дека државата го повредила нивното „право на мирно уживање на имотот“, како што е наведено во Европската конвенција за човекови права. Како резултат на тоа, судот му досуди на секој жалител по 3.000 евра за претрпена нематеријална штета. Меѓутоа, со тоа не било решено прашањето на материјалната отштета, која би ги опфатила вистинските парични загуби што ги претрпеле жалителите.
Подносителите на претставката барале речиси 1,3 милиони евра материјална отштета. Судот им даде рок од три месеци на двете страни да поднесат писмени забелешки во врска со тоа и да го известат судот за секој потенцијален договор што би можеле да го постигнат во врска со материјалната штета.
Во предметот станува збор за две парцели во Северна Македонија, кои биле национализирани во 50-тите години од минатиот век од страна на властите на социјалистичка Југославија. На сегашните правни наследници на првичните сопственици им бил вратен дел од земјиштето преку процес на реституција. Сепак, тие ја тужеа државата во Стразбур затоа што не им го вратила или не ги отшетила за преостанатиот дел од земјиштето, на кое сега се изградени комерцијални објекти и јавни патишта.
Во 2013 година, Северна Македонија го прогласи процесот на реституција за завршен, решавајќи околу 30.000 случаи. Државата не ја открива точната сума исплатена како обесштетување, но неофицијалните проценки говорат дека таа изнесува околу 300 милиони евра, главно во форма на државни обврзници.
Европската комисија изрази загриженост, истакнувајќи дека над 5.000 случаи на денационализација сè уште се во првостепена фаза на решавање и го сочинуваат најголемиот дел од претставките доставени до Канцеларијата на Народниот правобранител. Извештајот на Комисијата ја истакна потребата од подобрувања во процедурите за спроведување на правата на сопственост во Северна Македонија, наведувајќи дека тоа се долги и скапи процеси за граѓаните. Главниот проблем што судот го утврди е недостигот на централна институција и координација помеѓу бројните институции вклучени во справувањето со овие права.
Канцеларијата на Народниот правобранител потврди дека се примени повеќе од 4.000 претставки поврзани со денационализација. Правните експерти предупредија дека, ако овие случаи стигнат до судот во Стразбур, државата потенцијално би можела да се соочи со исплата на значителна отштета.
Преземено од „Балкан Инсајт“