Укинувањето на конечна и обврзувачка судска одлука не довело до прекршување на начелото на правна сигурност

Во предметот на Елисеј-Узун и Андони против Романија (жалба бр.44447/10, 23.04.2019) Европскиот суд за човекови права сметаше дека:

  • дошло до повреда на членот 6, став 1 во однос на правото на пристап до суд;
  • не дошло до повреда на член 6, став 1, во врска со укинувањето на конечна и делумно извршена пресуда; и
  • не дошло до повреда на член 1 од Протоколот бр. 1 од Европската конвенција за човекови права.

Предметот се однесуваше на пристапот до суд во однос на жалба на наводно дискриминаторско постапување. Жалителите, г-дин Елисеј-Узун и г-дин Андони поднеле тужба пред Окружниот суд во Муреш, барајќи надомест еднаков на “бонусот за лојалност”, на кој тие сметале дека имаат право во однос на нивната плата од декември 2004 година. Тие се жалеле дека иако ги исполниле истите услови како и сите други судски и несудски службеници кои добиле бонус за лојалност, сепак не го добиле истиот заради важечките законски одредби.

Тие го тужеле својот работодавач, Министерството за правда и Министерството за економија и финансии. Во февруари 2008 година, Окружниот суд ја прифатил тужбата и наредил на жалителите да им биде исплатен надомест за дискриминација. Министерството за правда и Министерството за финансии поднеле жалба на таквата одлука, но во својот конечна одлука од мај 2008 година, Апелациониот суд ја одбил жалбата. Тој сметал дека жалителите докажале дискриминација. Судот се повикал на законите со кои се регулираат “бонусите за доверливост” (спора за доверба). Во меѓувреме, властите му исплатиле на секој од жалителите 30% од досудениот надомест.

Во ноември 2008 година жалителите поднеле барање за исправка на материјалните грешки во одлуката на Апелациониот суд. Тие побарале зборот “доверливост” да се замени со зборот “лојалност”. Апелациониот суд го одобрил барањето, бидејќи употребата на изразот “бонус за доверливост” произлегува од техничка грешка и не влијае на образложението на пресудата. Министерството за правда поднело вонредна жалба против конечната одлука од мај 2008 година, истакнувајќи дека предметот на спорот не е бонус за доверливост, туку бонус за лојалност.

Во октомври 2009 година, Апелациониот суд ја одобрил вонредната жалба и ја поништил конечната одлука. Тој пресудил дека предметот на спорот бил погрешно утврден како право на бонус за доверливост. Тоа не можело да се смета за едноставна материјална грешка. Исто така, судот забележал дека Уставниот суд ги прогласил одредбите од Владиниот декрет бр. 137/2000 за спречување и казнување на сите облици на дискриминација за неуставни и заклучил дека повеќе немало правна основа за уважување на тужбата на жалителите.

Потпирајќи се на член 6 § 1 (право на правично судење) од Европската конвенција за човекови права и член 1 од Протоколот бр. 1 (заштита на имот) од Конвенцијата, жалителите сметаа дека одлуката на Апелациониот суд од октомври 2009 година го нарушува принципот на правна сигурност, бидејќи тој укинал конечна и обврзувачка пресуда, која била, исто така, и делумно спроведена. Тие понатаму се жалеа и на повреда на нивните права според членот 6 став 1 бидејќи Апелациониот суд во оваа одлука ја отфрлил нивната тужба, без да им дозволи да ги изнесат своите аргументи.

ЕСЧП понатаму сметаше дека тужбата на жалителите се однесувала на бонуси за лојалност и иако пресудата на Окружниот суд од 14 февруари 2008 година се однесувала на таквата тужба, Апелациониот суд, во својата конечна одлука, наместо  на ,,бонус за лојалност”, се осврнал на ,,бонус за доверливост”. Во овој контекст, Судот сметаше дека е валидно образложението на домашните власти дека конечната одлука била поништена бидејќи Апелациониот суд не ги разгледал аргументите кои  страните ги изнеле во постапката. Судот понатаму забележува дека вонредната жалбена постапка не траела неразумно долго: барањето било поднесено на 20 ноември 2008 година, а одлуката била донесена на 14 октомври 2009 година. Според тоа, нема повреда на членот 6, став 1 од Конвенцијата во однос на оваа точка.

ЕСЧП, исто така, сметаше дека посебните околности на конкретниот случај може да се сметаат како исклучителни причини со кои се оправдува поништувањето на конечната одлука од 30 мај 2008 година и отфрлањето на барањето на жалителите за надомест. Судот утврди дека домашните судови постигнале правична рамнотежа помеѓу правата на жалителот за заштита на имот и општиот интерес да се исправат грешките во правосудниот систем. Според тоа, нема повреда на членот 1 од Протоколот број 1 од Конвенцијата.

ЕСЧП сметаше дека Апелациониот суд во својата конечна одлука ја отфрлил тужбата на жалителите без да им овозможи да ги изнесат своите аргументи и без да ја образложи таквата своја одлука. Така, тој го прекршил нивното право на правично судење. Според тоа, дошло до повреда на членот 6, став 1 од Конвенцијата.

Преземено од Европскиот суд за човекови права