Акциски план за спроведување на пресудата ,,X против Северна Македонија”

Советот на Европа (Одделот за сексуална ориентација и родов идентитет – СОГИ со учество на Одделот за извршување) во соработка со Министерството за правда на Северна Македонија и Директоратот за човекови права и интеграција при Министерството за европски прашања и еднаквост на Малта организираа студиска посета на  Малта со цел да се добие детален преглед на Законот за родов идентитет, родово изразување и полови карактеристики на Малта. Студиската посета беше дел од планот на властите на Северна Македонија за спроведување на пресудата на Европскиот суд за човекови права од 2019 година во предметот „Х против Поранешната југословенска Република Македонија” и ќе биде разгледана од страна на Комитетот на министри за време на состанокот за човекови права од 3- 5 март.

Овој предмет (жалба бр. 29683/16, 17.01.2019) се однесува на кршењето на правото на жалителот за почитување на приватниот живот заради одбивањето на управните тела во земјата да направат измена во полот/родот во изводот на матичните книги на жалителот од 2011 година наваму (повреда на член 8). Европскиот суд утврди дека „сегашната правна рамка во тужената држава не предвидува брзи, транспарентни и достапни постапки за промена на изводите од матичните книги во делот на пријавениот пол на трансродовите лица“, што се однесува на законското признавање на родот.

Студиската посета им даде можност на учесниците во делегацијата на Северна Македонија да се запознаат со малтешкото законодавство за родов идентитет, со оглед на тоа што Малта имаше идентичен правен проблем во претходната законодавна рамка. Поточно, случајот Касар против Малта (жалба бр. 36982/11) заврши со пријателска спогодба со која државата Малта се обврза да донесе законско решение и да им овозможи на трансродовите лица целосно да го променат својот род во сите службените регистри, односно во целокупната евиденција, бидејќи со претходното законско решение не беше дозволено пријавување на промена на род за било каква цел, како на пример за брак, што претставуваше посебен проблем во предметот Касар против Малта. Како резултат на тоа, Малта го донесе новиот Закон за родов идентитет, родово изразување и полови карактеристики во 2015 година. Се смета дека ова е од првите неверојатно напредни закони со кои им се пружа заштита на трансродовите лица во сите сфери на живеењето.

Студиската посета на делегацијата од Северна Македонија и нивното запознавање со најдобрите практики и законодавството на Малта во контекст на напорите за намалување на дискриминацијата врз основа на родовиот идентитет ќе го олесни подготвувањето и примената на новите законски решенија кои ќе бидат во согласност со Конвенцијата.

Прочитајте го акцискиот план во случајот X. на следниот линк: http://hudoc.exec.coe.int/eng?i=DH-DD(2020)47E

Преземено од официјалниот веб-сајт на Советот на Европа