16 Јун Велика Британија ги прекршила човековите права преку масовно пресретнување на комуникации
Во предметот Big Brother Watch и други против Обединетото Кралство (жалба бр. 58170/13, 62322/14 и 24969/15, 25.05.2021), Европскиот суд за човекови права заклучи:
- едногласно, дека дошло до повреда на членот 8 од Европската конвенција (право на почитување на приватниот и семејниот живот/комуникации) во однос на режимот на масовно пресретнување;
- едногласно дека дошло до повреда на членот 8 во однос на режимот за добивање податоци од даватели на комуникациски услуги во врска со остварена комуникација;
- со 12 гласа „за“ и 5 „против“ дека не дошло до повреда на членот 8 во однос на режимот на Обединетото Кралство за барање на материјали добиени преку пресретнување на комуникација од страна на странски влади и разузнавачки агенции;
- едногласно дека дошло до повреда на членот 10 (слобода на изразување), како во однос на режимот за масовно пресретнување, така и во однос на режимот за добивање податоци од остварена комуникација од даватели на комуникациски услуги;
- и со 12 гласа „за“ и 5 „против“ дека не дошло до повреда на членот 10 во однос на режимот за барање материјал добиен преку пресретнување од страна на странски влади и разузнавачки агенции.
Предметот се однесуваше на поплаки од новинари и организации за човекови права во врска со три различни режими на надзор: (1) масовно пресретнување на комуникации; (2) прием на пресретнат материјал од странски влади и разузнавачки агенции; (3) добивање на податоци за остварена комуникација од страна на даватели на комуникациски услуги.
Жалбите биле поднесени откако Едвард Сноуден, поранешен изведувач со кој Агенцијата за национална безбедност на САД (АНБ) имала договор, откри постоење на програми за надзор и размена на разузнавачки информации управувани од страна на разузнавачките служби на САД и Велика Британија. Жалителите верувале дека природата на нивните активности била таква што нивните електронски комуникации и/или разменети податоци веројатно биле пресретнати од разузнавачките служби на Обединетото Кралство, или пак добиени од нив, било од даватели на услуги за комуникација или од странски разузнавачки агенции, како што е Агенцијата за национална безбедност на САД. Во тој период, режимот за масовно пресретнување на комуникации и добивање податоци за остварена комуникација од страна на даватели на комуникациски услуги имал законска основа во Законот за регулирање на истражните овластувања од 2000 година, кој бил заменет со Законот за истражни овластувања од 2016 година. Наодите на Големиот судски совет се однесуваат само на одредбите од законот од 2000 година, кој претставувал важечка законска рамка во времето на настаните за кои станува збор во жалбата.
Судот сметаше дека, поради мноштвото закани со кои се соочуваат државите во современото општество, постоењето на режим за масовно пресретнување на комуникации само по себе не претставувало прекршување на Конвенцијата. Сепак, ваквиот режим морал да биде предмет на „заштитни мерки од крај до крај“, што значи дека, на национално ниво, треба во секоја фаза од процесот да се процени неопходноста и пропорционалноста на мерките што се преземаат; тоа масовно пресретнување требало да биде предмет на независно одобрување на самиот почеток, кога би се дефинирале предметот и обемот на операцијата; како и дека операцијата треба да биде предмет на надзор и независна додатна ревизија.
Имајќи го предвид режимот на масовно пресретнување на комуникации кој бил воспоставен во Велика Британија, Судот ги идентификуваше следниве недостатоци: масовното пресретнување на комуникации било одобрено од државниот секретар, а не категориите на поимите за пребарување кои ги дефинираат видовите комуникации чие испитување би било обврзувачко не биле вклучени во барањето за налог за пресретнување на комуникации; и поимите за пребарување поврзани со поединци (т.е. специфични идентификатори како што е е-пошта) не биле предмет на претходно внатрешно одобрување.
Судот, исто така, утврди дека режимот на масовно следење на комуникации претставувал прекршување на членот 10, бидејќи истиот не содржел доволно заштита за доверливите новинарски материјали. Било утврдено и дека режимот за добивање податоци за остварена комуникација од страна на даватели на комуникациски услуги претставувал прекршување на членовите 8 и 10, бидејќи не бил во согласност со законот.
Сепак, Судот утврди дека режимот со кој Велика Британија можела да побара разузнавачки податоци од странски влади и или разузнавачки агенции содржел доволно заштитни мерки за заштита од злоупотреба со цел да се обезбеди дека властите во Велика Британија не користеле такви барања како средство за избегнување на нивните должности според домашното право и Конвенцијата.
Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права