26 Јул Границата помеѓу правото на заборав и слободата на изразување
Во предметот Хурбаин против Белгија (жалба бр. 57292/16, 22.06.2021), Европскиот суд за човекови права утврди дека немало повреда на членот 10 (слобода на изразување) од Европската конвенција за заштита на човековите права.
Предметот се однесуваше на граѓанска пресуда против г-дин Хурбаин, во својство на издавач на дневниот весник „Ле Соар“, со која му се наредува да анонимизира напис во својата електронска архива во кој се споменува целото име на возачот кој бил одговорен за смртоносната сообраќајна несреќа во 1994 год. Наредбата се засновала на правото на поединецот на заборав.
Судот поконкретно забележа дека, според Апелациониот суд, предметниот напис веднаш се појавувал со едноставно пребарување на веб-сајтот на весникот или на Гугл, само преку внесување на името и презимето на засегнатиот возач. Домашниот суд сметал дека чувањето на написот на интернет би можело да предизвика неограничено и сериозно нарушување на угледот на возачот, припишувајќи му „виртуелно кривично досие“, кога тој не само што ја издржал казната по правосилната пресуда, туку бил и рехабилитиран . Така, судот сметал дека најефективниот начин да се обезбеди почитување на приватниот живот на г-дин Хурбаин, без диспропорционално да се влијае врз неговата слобода на изразување, би било да се анонимизира написот на веб-страницата на весникот со замена на целосното име на поединецот со буквата Х.
Белгиските судови го одмериле правото на возачот на почитување на неговиот приватен живот, од една страна, и слободата на изразување на г. Хурбаин, од друга страна, во согласност со критериумите утврдени во судската пракса на Судот. Апелациониот суд поконкретно ја разгледал штетата што ја претрпел возачот поради тоа што написот се наоѓал на интернет, имајќи го предвид времето кое изминало (околу 20 години) од неговото првично објавување и фактот дека неговата анонимизација на веб-страницата од Ле Соар не би влијаела на текстот на првичниот напис и би била најефективната и најпропорционалната мерка од различните постојни опции. Причините наведени од домашните судови биле релевантни и доволни, а мерката која му била изречена на г. Хурбаин може да се смета за пропорционална на легитимната цел (право на почитување на приватниот живот на возачот) и како воспоставување на правична рамнотежа меѓу различните спротивставени интереси.
Судот објасни дека заклучокот до кој дошол во овој случај не вклучува никаква обврска за медиумите да ги проверуваат своите архиви на систематска и трајна основа. Што се однесува до архивирањето на написите, од нив нема да се бара таква проверка и, според тоа, балансирање на различните права за кои станува збор, освен ако не добијат изречно барање за тоа.
Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права