Забраната за стапување во брак меѓу роднините по афинитет (сродство преку стапување во брак) ги крши правата дадени во Конвенцијата

Во предметот на Теодороу и Цоцороу против Грција (жалба бр. 57854/15, 05.09.2019), Европскиот суд за човекови права („ЕСЧП“) едногласно утврди дека дошло до повреда на член 12 (право на брак) од Европската конвенција за човекови права („Конвенцијата“).

Предметот се однесуваше на судската одлука за поништување на бракот на г-ѓа Цоцороу и г. Теодороу со образложение дека г-ѓа Цоцороу е сестра на поранешната сопруга на г. Теодороу. Г-дин Теодороу се оженил со П.Т. во 1971 година, а во 2001 година бракот бил раскинат со одлука на Окружниот суд во Атина. Во 2004 година било издадено уверение за развод. Во 2005 година, жалителот се оженил со сестрата на П.Т. (г-ѓа Цоцороу) во верска церемонија. Следната година П.Т. се жалела на овој брак до Државното обвинителство, повикувајќи се на ништовноста на бракот заради сродноста на двајцата сопружници.

Согласно член 1357 од Граѓанскиот законик – кој изричито забранува брак меѓу роднините до трет степен – грчките судови го поништиле бракот на жалителите 10 години по неговото склопување. Судот во својата одлука истакнал дека жалителите биле роднини од втор степен по афинитет (сродство стекнато преку склопување на брак) и дека грчкиот закон го забранувал нивниот брак заради пристојност и почит кон институцијата семејство. ЕСЧП истакна дека имало консензус во земјите-членки на Советот на Европа во врска со пречките за брак на „поранешни снаи и зетови“. Само две држави членки (Италија и Сан Марино) вовеле такви пречки за стапување во брак, но и оваа пречка не била апсолутна.

ЕСЧП, исто така, утврди дека жалителите не се соочиле со никакви правни пречки пред да стапат во брак и дека националните власти не вложиле никаков приговор на тој брак. Во однос на аргументите на владата за „биолошките причини“ и ризикот од забуна, ЕСЧП истакна дека вакви проблеми немало во конкретниот случај. Не било јасно на што точно се однесува тој биолошки аргумент или практичниот ризик од забуна кој го спречувал бракот на жалителоте, со оглед дека тие не биле во крвно сродство и немале заеднички деца. Понатаму, во врска со аргументот на властите дека постои општествена потреба од комуникација помеѓу членовите на семејството и надворешниот свет, ЕСЧП истакна дека властите не прецизирале како ваквата забрана може да помогне или да послужи за таквата комуникација. 

Со оглед на горенаведеното, ЕСЧП утврди дека поништувањето на бракот на жалителите непропорционално го ограничило нивното право на брак во таков степен што самата суштина на тоа право била нарушена.

Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права

Tags: