01 Апр ИЗВЕШТАЈОТ НА КПТ ЗА НЕГОВАТА РЕДОВНА ПОСЕТА НА СРБИЈА ВО 2021 ГОДИНА
Комитетот на Советот на Европа за спречување на тортура и нечовечко или понижувачко постапување или казнување (КПТ) на 10.03.2022 година го објави извештајот за својата 5-та периодична посета на Србија од 9 до 19 март 2021 година заедно со одговорот од властите.
Во текот на посетата, делегацијата на КПТ прими значителен број веродостојни наводи за тортура и други форми на малтретирање на приведени лица од страна на полициски службеници. Овие наводи се однесуваа на шлаканици, тупаници, клоци и удари со палка (пендрек), како и примена на електрошокови со рачни уреди и со електрични кабли поврзани со акумулаторот на автомобилот и ставање на лица во стресни позиции за време на полициско испитување. Наводите беа поткрепени со документација прегледана во полициските установи и со детални извештаи за повреди поднесени од здравствениот персонал во затворот во моментот кога лицата биле примени во затвор. Во извештајот се препорачува српските власти да усвојат порешителни мерки за искоренување на полициското малтретирање, вклучително и воведување на истражен пристап на испитување на осомничените за извршени кривични дела и задолжително аудио и видео снимање на полициското испитување.
Врз основа на анализата на бројни истражни досиеја, КПТ утврди дека истрагите од органите на прогонот и полицискиот надзорен механизам за наводите за малтретирање не се во согласност со критериумите за ефективност, како што е наведено меѓу другото и во задолжителната уредба усвоена од Републичкиот јавен обвинител во 2018 год. Ваквите истраги би требало да бидат потемелни, посеопфатни и побрзи.
Што се однесува до затворите, во извештајот се поздравуваат мерките преземени од српските власти за намалување на пренатрупаноста на затворите и за проширување на затворите. Сепак, локалната пренатрупаност и лошите притворски услови, кои се состојат од тесни, дотраени и нехигиенски ќелии и санитарни јазли, се се уште очигледни во одредени делови од Окружниот затвор во Белград и во Поправната установа Пожаревац.
Што се однесува до институциите за социјална заштита, КПТ утврди дека во Домот за деца и млади „Душко Радовиќ“ во Ниш условите за живеење биле пристојни, додека во Домот за возрасни лица со ментална попреченост во Кулина некои од одделенијата биле во лоша состојба. КПТ, исто така, препорачува на штитениците во двата дома да им се понуди поголем опсег на индивидуализирани активности за рехабилитација, поредовен пристап до свеж воздух, а законските заштитни мерки за сместување на штитениците да се зајакнат и да подлежат на зголемен судски надзор. КПТ, исто така, се залага установите за социјална грижа со голем капацитет, изолирани од локалната заедница, како што е домот Кулина, да престанат со работа веднаш штом помалите објекти ќе бидат достапни за штитениците.
Овде можете да го најдете целосниот извештај на српски и на англиски јазик: https://www.coe.int/en/web/human-rights-rule-of-law/-/council-of-europe-anti-torture-committee -publishes-report-on-its-2021-periodic-visit-to-srbia
Преземено од веб-сајтот на Советот на Европа