Извештај на ГРЕТА за Србија за 2023 година

На 16.6.2023., телото за борба против трговија со луѓе на Советот на Европа ГРЕТА објави нов извештај за Србија. Извештајот ги поздравува чекорите кои ги презеле српските власти за понатамошно развивање на законодавната рамка за борба против трговијата со луѓе. Тука спаѓа воведувањето на период на заздравување и размислување и дозвола за привремен престој врз хуманитарни основи за жртвите на трговија со луѓе во Законот за странци, како и одредбите поврзани со жртвите на трговија со луѓе во Законот за здравствена заштита и Законот за бесплатна правна помош. Друг позитивен развој е воведувањето на позицијата национален известувач за трговија со луѓе, што треба да ја пополни Народниот правобранител. Сепак, во извештајот се нагласува дека се потребни дополнителни чекори за да се обезбеди подобар пристап до правда и ефективни правни лекови за жртвите на трговија со луѓе. Поконкретно, адвокатите кои ги застапуваат жртвите на трговија со луѓе треба да имаат познавања за темата, а трошоците за правна помош и правна поддршка што ги обезбедуваат невладините организации треба да ги надомести државата. Пристапот на жртвите до компензација и понатаму е ретка појава и затоа ГРЕТА ги повикува властите да се погрижат жртвите на трговија со луѓе да бидат систематски информирани за нивното право на компензација и целосно да го искористат законодавството за одземање и конфискација на имот од сторителите, за да им обезбедат обесштетување на жртвите. 

И покрај тоа што го поздравува постоењето на специјализирани истражители и обвинители кои работат на случаите на трговија со луѓе, ГРЕТА забележува дека таквите случаи често се преквалификуваат како полесни прекршоци и дека жртвите не се секогаш информирани кога се прават спогодби со обвинетите за признавање на вината. ГРЕТА ги повикува српските власти да го зајакнат кривично-правниот одговор на трговијата со луѓе, со тоа што ќе се погрижат делата на трговија со луѓе да се истражат проактивно и навремено, и да доведат до ефективни, пропорционални и одвраќачки санкции за осудените.

Нотирајќи го растот на бројот на работници-мигранти во Србија и извештаите за трудова експлоатација на градилиштата кои вработуваат такви работници, ГРЕТА ги повикува српските власти да ги зајакнат напорите за спречување и борба против трговијата со луѓе со цел трудова експлоатација. Ова треба да вклучи чекори за зајакнување на капацитетот на трудовите инспектори, за проактивно и темелно испитување на обвиненијата за трговија со луѓе во кои се вклучени странски работници, и за навремено идентификување и пружање соодветна помош на жртвите на трговија со луѓе.

Покрај тоа, ГРЕТА бара од српските власти да посветат поголемо внимание на идентификувањето на жртвите на трговија со мигранти и барателите на азил, како и да му обезбедат доволно кадар и ресурси на Центарот за заштита на жртви на трговија со луѓе, за да му овозможат навремено да ги идентификува жртвите на трговија со луѓе.

И покрај тоа што го поздравува повторното отворање на прифатниот центар за брза помош на жртвите на трговија со луѓе, извештајот нотира дека сè уште нема прифатни центри за машки жртви. ГРЕТА ги повикува српските власти да ја подобрат помошта за жртвите на трговија со луѓе, вклучително и со доделување соодветни средства за услугите што ги нудат специјализираните невладини организации.

Србија првенствено е земја на потекло на жртвите на трговија со луѓе, но до одреден степен е и земја на транзит и дестинација. Според статистичките податоци на српските власти, во периодот од 2017-2022 г. имало вкупно 320 формално идентификувани жртви на трговија со луѓе (250 женски и 70 машки, од кои 150 деца). Дополнително, имало 367 претпоставени жртви на трговија со луѓе. Најголем дел од жртвите во периодот од 2017-2022 г. биле српски државјани. Повеќето жртви биле жени, а речиси половина биле деца. Иако сексуалната експлоатација и понатаму е доминантната форма на експлоатација, биле идентификувани и случаи на трговија со луѓе за трудова експлоатација, принудно питачење и принуден криминал. 

Преземено од официјалниот веб-сајт на Советот на Европа