01 Авг Кривичната постапка против косовски државјанин за убиство заради крвна одмазда била во согласност со член 6 од Конвенцијата
Во предметот Шала против Швајцарија (жалба бр. 63896/12), Европскиот суд за човекови права („ЕСЧП“) едногласно утврди дека жалбата е недопуштена, сметајќи дека тврдењата на г-дин Шала се очигледно неосновани.
Предметот се однесуваше на кривична постапка која резултираше со пресуда на швајцарските судови против г. Шала заради убиство во контекст на „крвна одмазда“.
Во мај 1997 година, главата на семејството Шала на Косово* убила член на семејство на Х. Следниот месец, братот на наводниот сторител на убиството бил убиен во Швајцарија. Во јануари 2001 година, Окружниот суд во Лауфенбург (Швајцарија) донесе пресуда за шест члена на семејството на г-дин Шала, вклучувајќи го и неговиот татко, чичко и братучед. Во ноември 2010 година г-дин Шала бил осуден за убиство на 18 години затвор. Окружниот суд открил дека г-дин Шала и еден негов роднина испукале меѓу 15 и 17 куршуми во главата на жртвата додека тој се обидувал да побегне.
Вишиот суд ја одбил жалбата на г-дин Шала. Пред тој суд, г-дин Шала најпрво тврдел дека дошло до кршење на член 36 од Виенската конвенција за конзуларни односи од 24 април 1963 година (Виенска конвенција). Г-дин Шала конкретно тврдел дека неговиот татко, неговиот чичко и неговиот братучед не биле информирани пред Окружниот суд за своите права според Виенската конвенција за конзуларна помош.
Во жалбата г-дин Шалаа се повикал на член 6 (право на правично судење) од Европската конвенција за човекови права („Конвенцијата“) по неколку основи. Тој особено ги критикувал швајцарските власти заради тоа што тие не ги информирале тројцата сведоци за нивното право на конзуларна помош според член 36 од Виенската конвенција и тврдел дека изјавите на овие сведоци не можат да се користат во кривичната постапка против него.
ЕСЧП истакна дека изјавите на чичкото на г-дин Шала и неговиот син (братучед на г-дин Шала) не се единствениот доказ против него. Покрај тоа, овие сведоци биле ослободени од појавување пред Вишиот суд, а во пресудата се наведени детални и објективни фактички причини за тоа. ЕСЧП, исто така, забележа дека таткото на г-дин Шала бил запознаен со своето право на бранител и преведувач уште од самиот почеток на постапката против него и тој категорично се откажал од тие права.
ЕСЧП, исто така, констатираше дека г-дин Шала не докажал на аргументиран и јасен начин како фактот што швајцарските власти не ги известиле тројцата сведоци за нивното право на конзуларна помош според член 36 од Виенската конвенција може да има и најмало влијание врз правичноста на постапките против него. Употребата на сведочењето на тројцата сведоци од страна на швајцарските судови, кои ги засновале своите наоди врз низа докази, не ја направила постапката целосно неправична. Според тоа, не дошло до кршење на член 6 од Конвенцијата.
Преземено од официјалниот вебсајт на Европскиот суд за човекови права
3* Секоја референца на Косово, без разлика дали во територијална смисла, институционална смисла или во смисла на население, во овој текст ќе биде целосно разбрана во согласност со Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации и надвор од контекстот на статусот на Косово.