10 Мај Налогот подносителите на претставката да ги сносат целосните трошоци на застапувањето на државата во парничната постапка претставува повреда на Конвенцијата
Во предметот Бурсаќ и други против Хрватска (жалба бр. 78836/16), Европскиот суд за човекови права утврди повреда на член 1 од Протоколот бр. 1 на Конвенцијата.
Подносителите на претставката, Босиљка Бурсаќ, Ѓука Дамјановиќ, Нена Дамјановиќ, Даница Дубајиќ и Милица Васиљевиќ, се хрватски државјани кои се родени помеѓу 1940 и 1953 година и живеат во Апатин, Грачац, Срб и Загреб. Таткото на подносителите бил етнички Србин, кој наводно бил убиен во 1995 година од хрватски војници во текот на војната за враќање на контролата над Краина во војната по распадот на Југославија. Тие подоцна ја тужеле државата, барајќи обесштетување во 2005 година. Предметот се однесува на истрагата за неговата смрт. Исто така, се однесува и на тоа дека подносителите треба да ги платат трошоците на државата во парничната постапка. Потпирајќи се на член 2 (право на живот) и член 6 став 1 (право на правично судење) од Европската конвенција за човекови права и член 1 од Протоколот бр. 1 (заштита на имотот) на Европската конвенција, подносителите се жалат особено на тоа дека истрагата била несоодветна и дека прекумерните трошоци го нарушиле нивното мирно уживање на имотот.
Судот забележа дека ниту еден меѓународен инструмент не забранува изричито да им се наложува на жртвите на тешки повреди на основните човекови права да ги сносат трошоците за односните парнични постапки за обесштетување во која тие биле неуспешни. Сепак, се чини дека таквите одлуки се во спротивност со обврската на државите да го сведат на минимум ризикот од повторна трауматизација на жртвите на сериозно кршење на основните човекови права, како што е наведено во клучните меѓународни инструменти, вклучувајќи ги основните принципи и насоките на Обединетите нации за правото на правен лек и Општиот коментар бр. 3 во однос на член 14 од Конвенцијата за заштита од тортура.
Во однос на член 2 од Конвенцијата, Судот сметаше дека, кога подносителите на жалбата имаат аргументирано тврдење дека членовите на нивните семејства биле незаконски убиени од агенти на државата, поимот делотворен правен лек за целите на член 13, освен темелна и ефикасна истрага способна да доведе до идентификување и казнување на одговорните, подразбира и исплата на надомест на штета каде што тоа е потребно.
Според мислењето на Судот, во околности во кои истрагата за убиството на таткото на подносителите, постар цивил, никогаш не довела до идентификување или казнување на сторителите, а жалителите не биле во можност да добијат обесштетување во парнична постапка бидејќи не постоела кривична пресуда со која се бара од подносителите да ги платат трошоците за застапување на државата во парничната постапка, нивната трауматизација била дополнително продлабочена, спротивно на духот на Конвенцијата и нејзините протоколи.
Друг важен фактор е индивидуалната финансиска состојба на подносителите на жалбата. Имајќи ги предвид нивните аргументи во тој поглед (види став 75 погоре), Судот прифаќа дека плаќањето на износот наложено од националните судови во однос на трошоците на спорната постапка се чини дека претставувало оптоварување на жалителите. Тоа оптоварување се чини уште поголемо во ситуација во која од подносителите можеби се барало да ги покријат и трошоците за сопственото правно застапување во парничмната постапка. Во конкретните околности на овој предмет, Судот смета дека наложувањето на подносителите да ги сносат целосните трошоци за застапување на државата во парничната постапка претставува непропорционален товар за нив. Според тоа, дошло до повреда на член 1 од Протоколот бр. 1 на Конвенцијата.
Преземено од официјалниот вебсајт на Европскиот суд за човекови права