НЕМА ПОВРЕДА НА СЛОБОДАТА НА ИЗРАЗУВАЊЕ ПОРАДИ ОТФРЛАЊЕ НА КРИВИЧНАТА ПРИЈАВА НА НОВИНАРИ КОИ БИЛЕ МЕТА НА МЕДИУМИТЕ

Во предметот Гаши и други против Србија (претставка бр. 24738/19, 06.09.2022 година) Европскиот суд за човекови права не утврди повреда на членот 10 (слобода на изразување) од Европската конвенција за човекови права.

Подносителите на претставката се новинари и активисти од граѓанскиот сектор, често критички настроени кон владата и властите. Предметот се однесува на нивното тврдење за оцрнувачка кампања против нив во 2016 година, откако учествувале во протести против одредени проекти за уривање и градба во Белград и промени во раководството на регионалната радио-телевизиска станица. Особено, печатените и онлајн статиите во медиумите ги обвиниле апликантите дека се предавници и екстремисти, кои дејствуваат по налог на Европската Унија и САД и сакаат да ја дестабилизираат државата и да го убијат премиерот. Апликантите поднесле кривична пријава против авторите и уредниците на написите, којашто била отфрлена од јавниот обвинител.

Повикувајќи се на член 10 (слобода на изразување) од Конвенцијата, подносителите се жалат дека државата не успеала да ги заштити од медиумската кампања против нив и од заканувачките коментари на интернет.

Судот утврди дека позитивните обврски од членот 10 од Конвенцијата бараат од државите при воспоставување ефикасен систем за заштита на новинарите да создадат поволна средина за учество во јавна дебата на сите засегнати лица, овозможувајќи им да ги изразат своите мислења и идеи без страв, дури и ако тие се спротивни на оние што ги застапуваат официјалните власти или значителен дел од јавното мислење, па дури и ако ги иритираат или шокираат. 

Осврнувајќи се на овој предмет, Судот забележа дека, и покрај тоа што подносителите на претставката изјавиле дека се чувствуваат загрозени по објавувањето на горенаведените написи и емитување на предметните програми, ниту еден од нив никогаш не бил подвргнат на никакво дејствие на насилство. Им ја предочија својата загриженост и страв на властите со поднесување пријава за дискриминација и повреда на правото на еднаквост против повеќе приватни лица, којашто беше била итно процесуирана (за разлика од предметот Озгур Гундем против Турција, бр. 23144/93, каде што домашните власти, кои биле свесни за низа насилни дејствија против весник и лица поврзани со него, не презеле никакви дејствија за заштита на весникот и неговите новинари). Иако е точно дека полицијата не ги сослушала сите лица против кои била поднесена претставката, Судот констатирал дека фактичката состојба е повеќе или помалку неспорна меѓу странките и одлуката да не се сослушаат сите во таква ситуација не изгледа неразумна или произволна.

Судот, исто така, забележа дека не е повикан да одлучува за составните елементи на кривичните делата на дискриминација и повреда на правото на еднаквост или кое било друго кривично дело според домашното право. Улогата на Судот е попрво врз основа на член 10 да ги преиспитува одлуките што домашните судови ги носат во согласност со своите овластувања. Со оглед на содржината на предметните написи и телевизиски емисии, како и онаа на кривичната пријава на подносителите на претставката, Судот не е убеден дека одлуката на односниот обвинител не е заснована на прифатлива проценка на релевантните факти. Судот забележува дека обвинителот отишол уште подалеку, сугерирајќи дека предметните наводи можеби се работи за кривично дело навреда, кое е предмет на приватно гонење. Меѓутоа, подносителите на претставката не покренале таква постапка.

Понатаму, Судот забележа дека националното законодавство предвидува низа други правни лекови кои на подносителите на претставката им нудат заштита на нивната слобода на изразување. Тие особено вклучуваат граѓански постапки за прекршување на забраната за говор на омраза, како и парнични постапки за барање обесштетување, барање реплика и/или исправка на објавените информации, како и одреден број мерки изречени од Регулаторното тело за електронски медиуми. 

Судот, исто така, ги забележа извештаите за ситуацијата во Србија во врска со слободата на изразување и безбедноста на новинарите, како и извештаите за физички напади и други видови на наводен прогон на новинари. Меѓутоа, со оглед на конкретните околности на овој предмет, Судот смета дека наодите на обвинителот ниту биле произволни или очигледно неразумни, ниту се потпирале на неприфатлива проценка на релевантните факти. Тој, исто така, утврди дека тужената држава понудила голем број други ефективни средства за заштита на подносителите на претставката, кои тие не ги искористиле. Според тоа, не дошло повреда на член 10 од Конвенцијата.

Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права