15 Фев Нема прекршување на Конвенцијата во осудата за воени злосторства врз основа на командна одговорност
Во предметот Миланковиќ против Хрватска (жалба бр. 33351/20, 20.01.2022), Европскиот суд за човекови права едногласно одлучи дека не дошло до повреда на членот 7 (нема казна без закон) од Европската конвенција за човекови права.
Предметот се однесуваше на осудителната пресуда на жалителот за воени злосторства, извршени од полициските единици под негова заповед, против српското цивилно население и воен заробеник, на територијата на Хрватска во периодот помеѓу средината на август 1991 година и средината на јуни 1992 година. Подносителот на претставката се жалеше дека, осудувајќи го за тие злосторства, домашните судови примениле протокол кој се применува само на меѓународните вооружени конфликти, додека настаните за кои станува збор се случиле пред прогласувањето на независноста на Хрватска, а со тоа и за време на вооружен конфликт кој не бил од меѓународен карактер.
Судот забележа дека во Статутот на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија, применлив за сериозни прекршувања на меѓународното хуманитарно право извршени во поранешна Југославија од 1 јануари 1991 година, општо се говори за „надредено лице“, и оттаму неговата примена не може да се ограничи само на воените команданти, ниту пак да се прави разлика помеѓу меѓународен или немеѓународен вооружен конфликт. Во својата судска пракса, Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија веќе сметаше дека примената на концептот на командна одговорност за воените злосторства извршени во внатрешен вооружен конфликт веќе претставуваше правило на меѓународното обичајно право во 1991 година.
Судот се согласи дека нема сомневање дека командната одговорност за воени злосторства извршени во меѓународен или внатрешен вооружен конфликт претставувала постоечко правило на меѓународното право во времето на горенаведените настаните. Згора на тоа, концептот на командна одговорност беше изведен од концептот на одговорна команда, кој не прави разлика помеѓу меѓународен и немеѓународен вооружен конфликт. Понатаму, командната одговорност не се однесуваше само на воените команданти туку и на другите претпоставени.
Во однос на природата на воените злосторства извршени од полициските единици под негова заповед, Судот сметаше дека требало да му биде очигледно на г. Миланковиќ, офицер образован на воена академија, дека тој може да биде повикан на одговорност без разлика дали тие злосторства се извршени за време на меѓународен или внатрешен конфликт или од воен или невоен (полициски) командант.
Што се однесува до преостанатите аргументи на жалителот дека тој бил осуден за воени злосторства врз основа на неговата командна одговорност, иако како заменик-началник на полициската управа немал доволно овластувања за да сноси кривична одговорност како командант, Судот забележа дека домашните судови утврдиле дека жалителот имал формално и фактичко командно овластување над полициските единици кои ги извршиле предметните кривични дела и дека тој бил свесен за тие кривични дела. Значи, не дошло до повреда на членот 7 од Конвенцијата.
Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права