Обврската за откривање лични податоци на коментаторите на вести не била во согласност со Конвенцијата

Во предметот Стандард  Верлагзгезелшафт мбх против Австрија (бр. 3) (жалба бр. 39378/15, 07.12.2021 година) Европскиот суд за човекови права, едногласно одлучи дека дошло до повреда на член 10 (слобода на изразување ) од Европската конвенција за човекови права.

Предметот се однесуваше на судски налози со кои се барало од медиумската компанија – жалител да ги открие информациите за регистрираните корисници кои објавиле коментари на нејзината веб-страница, derStandard.at. При регистрирањето како корисник на сајтот, кој овозможува коментирање на написите, секој морал да го наведе своето име и е-мејл адреса, а по избор, и својата поштенска адреса. На веб-сајтот било јасно наведено дека овие информации нема да бидат јавно објавени и дека компанијата апликант ќе ги открие само доколку е со закон обврзана да го стори тоа. Судскиот налог за откривање на податоци следел по коментарите за наводно доведување на политичарите во врска, меѓу другото, со корупција или неонацисти, кои компанијата жалител ги отстранила, иако одбивала да ги открие информациите за коментаторите.

Потпирајќи се на член 10 (слобода на изразување) од Европската конвенција за човекови права, компанијата подносител се жалеше на налогот за откривање на личните податоци на корисниците на нејзиниот портал за вести.

Компанијата-жалител тврдеше дека податоците за корисниците за кои стануваше збор претставуваат новинарски извори, и оттаму, уживаат заштита на уредувачка доверливост на ист начин како и податоците за авторите на писмата од читателите објавени во весник. Владата тврдеше дека улогата на компанијата-жалител како давател на услуга (провајдер) кој нуди форум за дискусија на својот веб сајт се разликува од нејзината улога како издавач на написи. Како провајдер , во согласност со Законот за е-трговија, таа имала должност да им открие одредени податоци на поединци кои веродостојно тврдат дека имаат преовладувачки правен интерес.

Судот утврди дека со оглед на тоа што коментаторите ѝ се обраќале на јавноста, а не на конкретен новинар, тие не можеле да се смета за новинарски „извори“. Сепак, постоела врска помеѓу објавувањето на написи од страна на компанијата – жалител и хостирањето коментари за тие написи на нејзиниот портал за вести. Судот, исто така, сметаше дека обврската за откривање информации за корисниците би имала застрашувачки ефект врз придонесот кон дебатата. Тој повтори дека Конвенцијата не предвидува апсолутно право на анонимност на интернет. Сепак, анонимноста долго време претставуваше средство за избегнување одмазда или несакано внимание. Како таква, таа можеше да промовира слободен проток на мислења, идеи и информации вклучително и на Интернет. Судот забележа дека таквата анонимност не би била делотворна доколку компанијата – жалител не би можела да ја брани со свои сопствени средства. Оттука, нејзиното укинување би го попречило правото на компанијата – жалител на слобода на печатот.

Судот, исто така, сметаше дека спорните коментари не биле ниту говор на омраза, ниту поттикнување на насилство, а се однесувале на двајца политичари и една политичка партија во политичка дебата од јавен интерес. Задачата на домашните судови во овој предмет била да постигнат рамнотежа помеѓу конкурентните интереси; а, тие не успеале да го сторат тоа. Судот сметаше дека домашните судови генерално не успеале да постигнат рамнотежа помеѓу правата за кои станувало збор и не дале доволно причини за да го оправдаат мешањето во правата на компанијата – жалител. Според тоа, судските налози не биле „неопходни во едно демократско општество“, и затоа во овој предмет дошло до повреда на член 10 од Конвенцијата.

Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права