Обврска на државата да го штити животот на членовите на семејството од насилен татко во согласност со член 2 од Конвенцијата

Во предметот Курт против Австрија (жалба бр. 62903/15, 15.06.2021), Големиот судски совет на Европскиот суд за човекови права утврди дека не дошло до повреда на членот 2 (право на живот) од Европската конвенција за заштита на човековите права.

Предметот се однесуваше на убиството на синот на жалителката од страна на неговиот татко по претходни обвинувања за семејно насилство кои ги изнела жалителката во однос на својот сопруг. Жалителката, Сенај Курт, е австриска државјанка, која била во брак со Е. Тие имале две деца, А., родено во 2004 година и Б., родено во 2005 година.

На 25.05.2012 година Е. отишол во училиштето на А. и Б. Тој побарал од наставничката на А. да разговара накратко со својот син насамо. Наставничката, која подоцна изјавила дека не била информирана за проблемите во семејството, се согласила. Кога А. не се вратил на час, таа започнала да го бара. Го пронашла во подрумот на училиштето, каде што бил застрелан во главата. Неговата сестра Б., која била сведок на убиството на својот брат, не била повредена. Веднаш бил издаден налог за апсење на Е. и полицијата започнала со истрагата, но истиот ден Е. бил пронајден мртов во својот автомобил, каде што самиот се застрелал.

Жалбата била поднесена до Европскиот суд за човекови права на 16 декември 2015 година. Судот ја донел пресудата на 4 јули 2019 година, едногласно утврдувајќи дека нема повреда на материјалниот аспект на членот 2 од Конвенцијата. На 27.09.2019 година, жалителката побарала упатување на предметот до Големиот судски совет според членот 43 од Конвенцијата (упатување до Големиот судски совет). На 4 ноември 2019 година, Големиот судски совет го прифатил барањето на жалителката. Преку видео конференција се одржало сослушување во зградата на Европскиот суд, во Стразбур, на 17 јуни 2020 година.

Судот изјави дека не постоел реален и непосреден ризик од напад врз животот на децата на жалителката. Затоа, властите немале обврска да преземат понатамошни превентивни оперативни мерки кои поконкретно би се однесувале на децата, било во приватен или јавен простор, како што е издавање на забрана на таткото за приближување до училиштето на децата.

Земајќи ги предвид барањата пропишани со австрискиот кривичен закон и оние кои произлегуваат од член 5 од Конвенцијата за заштита на правата на обвинетиот, Судот не најде причина да ги доведе во прашање наодите на австриските судови, кои одлучиле да не наложат истражен притвор за Е. Во врска со тоа, Судот повтори дека според членот 5, изрекувањето на мерка притвор не е дозволено освен ако не е во согласност со домашното законодавство. Властите ја покажале потребната посебна внимателност и темелност и брзо реагирале на наводите на жалителката за семејно насилство, притоа соодветно земајќи го предвид  конкретниот контекст на семејното насилство во овој предмет. Тие извршиле самостојна, проактивна и сеопфатна проценка на ризикот и издале наредба за забрана на приближување и заштита. Таа проценка на ризик не укажала на вистински и непосреден ризик од смртен исход за синот на жалителката. Следствено, властите немале обврска да преземат превентивни оперативни мерки во врска со тоа.

Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права