Обдукцијата на детето против волјата на родителите не е во согласност со Конвенцијата

Во предметот Полат против Австрија (жалба бр. 12886/16, 20.07.2021), Европскиот суд за човекови права („ЕСЧП“) едногласно заклучи дека дошло до повреда на членот 8 (право на почитување на приватниот и семејниот живот) и член 9 (слобода на мислење, совест и вера) од Европската конвенција за заштита на човековите права („Конвенција“) во врска со обдукцијата на бебето на жалителката, извршена против нејзината волја и против нејзините верски убедувања, и повредата на членот 8 во врска со пропустот на властите на жалителката да ѝ откријат податоци во врска со извршениот обдукциски преглед на нејзиниот син.

Предметот се однесуваше на обдукцискиот преглед на синот на жалителката, извршен против нејзината волја. Синот на жалителката починал од церебрална хеморагија два дена по неговото предвремено раѓање. Лекарите побарале дозвола од жалителката и нејзиниот сопруг да направат обдукција, во интерес на науката. Тие  тоа го одбиле затоа што сакале да го погребаат своето дете во согласност со нивните муслимански верски убедувања, за што било потребно телото да остане недопрено. Лекарот кој го лекувал нивниот син им рекол дека во секој случај ќе мора да изврши обдукција за да ги разјаснат точните причини за смртта на нивниот син. На 6 април 2007 година, била извршена обдукција во регионалната болница Фелдкирх и практично сите внатрешни органи биле отстранети.

ЕСЧП повтори дека според Конвенцијата не постои апсолутно право на приговор против обдукција. Обдукцискиот преглед на синот на жалителката бил извршен во согласност со законот, согласно член 25 од Законот за болниците и член 12 (3) од Законот за погреби. Според овие одредби, обдукцијата можела да се изврши против желбите на роднините во интерес на науката и јавното здравје, особено во оние случаи каде што постојат дијагностички сомневања. ЕСЧП беше задоволен што постои легитимен интерес за извршување на прегледот.

Меѓутоа, ЕСЧП изјави дека ставовите на жалителката не биле земени предвид при донесувањето на таа одлука, ниту од болничкиот персонал ниту од домашните судови. ЕСЧП нагласи дека државите обично имаат широка дискреција во проценката на рамнотежата помеѓу приватните и јавните интереси. Меѓутоа, конкретно во врска со обдукциските прегледи против волјата на семејството, ЕСЧП нагласи дека таквите прегледи може да се вршат само со максимално почитување на правата на членовите на семејството.

Затоа, властите не успеале да постигнат рамнотежа меѓу конкурентните интереси, односно обврската на државата да го заштити јавното здравје и правата на жалителката според членовите 8 и 9 од Конвенцијата. ЕСЧП заклучи дека одлуката да се изврши обдукција на синот на жалителката против нејзината волја и против нејзините верски убедувања претставувало мешање во нејзиниот „семеен живот“ и нејзиното право да ја исповеда својата вера, што било неоправдано и претставувало прекшрување на  Конвенцијата.

Преземено од официјалниот веб -сајт на Европскиот суд за човекови права