05 Ное Овозможувањето на зголемена заштита на шефот на државата преку посебен кривичен закон е некомпатибилно со Конвенцијата
Во предметот Ведат Шорли против Турција (жалба бр. 42048/19, 19.10.2021 година), Европскиот суд за човекови права, едногласно утврди дека дошло до повреда на членот 10 (слобода на изразување) од Европската конвенција за човекови права.
Предметот се однесуваше на казна затвор од 11 месеци и 20 дена која му била изречена на жалителот за навреда на претседателот на Републиката, поради две објави кои тој ги споделил на својот Фејсбук профил. Постовите, меѓу другото, содржеле карикатура и фотографија од претседателот на Републиката, која била придружена со сатирични и критички коментари за него.
Осудителната пресуда на жалителот се засновала на член 299 од Кривичниот законик, со кој се обезбедува повисок степен на заштита на претседателот на Републиката отколку на други лица.
Судот забележа дека е сосема легитимно лицата кои ги застапуваат институциите на државата, како гаранти на институционалниот јавен поредок, да бидат заштитени од надлежните органи, но со посебен осврт на пропорционалноста на кривичната санкција пропишана за навреда на претседателот на Републиката; оттаму, од властите се бара да покажат воздржаност во покренувањето на кривични постапки токму заради доминантната позиција на тие институции. Во врска со тоа, Судот повтори дека проценката на пропорционалноста на мешањето во правата заштитени со член 10 често зависи од тоа дали властите можеле да прибегнат кон какви било други средства освен кривична санкција, како што се мерките од граѓанското право.
Според тоа, Судот сметаше дека во конкретниот предмет нема оправдување за сместувањето на г. Шорли во полициски притвор и истражен затвор или за изрекување на кривична санкција, и покрај фактот што објавата на пресудата со која се изрекува затворска казна била суспендирана. Таквата санкција, по својата природа, неизбежно имала застрашувачки ефект врз подготвеноста на засегнатото лице да ги изрази своите ставови за прашања од јавен интерес, особено во поглед на ефектите од осудителната пресуда.
Кривичната постапка која беше предмет на жалбата, поведена според член 299 од Кривичниот законик, била некомпатибилна со слободата на изразување. Овозможувањето на зголемена заштита со помош на посебен закон во кој се уредува навредата, по правило, не би било во согласност со духот на Конвенцијата, а интересот на државата да го заштити угледот на нејзиниот претседател не може да послужи како оправдување за доделувањето на претседателот привилегиран статус или посебна заштита.
Имајќи го предвид горенаведеното, повредата на правата на г-дин Шорли според член 10 од Конвенцијата произлегла од проблемот со изготвувањето и примената на член 299 од Кривичниот законик. Според мислењето на Судот, усогласувањето на релевантното домашно право со членот 10 од Конвенцијата би претставувало соодветна форма на обесштетување што би овозможило да се стави крај на утврдената повреда.
Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права