Одбивањето да се признае брачен пар како легални родители на дете родено од сурогат мајчинство

Во предметот Валдис Фјнислисдотир и други против Исланд (жалба бр. 71552/17, 18.05.2021), Европскиот суд за човекови права едногласно утврди дека немало повреда член 8 (право на почитување на приватниот и семејниот живот ) од Европската конвенција за човекови права.

Жалителите, Валдис Глодис Фјолнисдотир, Ејдис Рос Глодис Агнарсдотир и Х, се исландски државјани кои живеат во Копавогур (Исланд). Претставката на третиот жалител е поднесена од страна на неговиот законски старател, М.

Г-ѓа Фјалнисотир и г-ѓа Агнарсдотир биле брачни партнерки кои преку агенција за сурогат мајчинство во Соединетите Држави требало да станат родители на дете родено по пат на гестациско сурогат мајчинство. Третиот жалител е роден преку таа постапка во Калифорнија во 2013 година. По нивното враќање на Исланд три недели по раѓањето, првата и втората жалителка поднеле барање за регистрација на третиот жалител во националниот регистар како исландски државјанин и како нивен син. Сепак, тие не биле признати како родители на детето во Исланд, каде што сурогат-мајчинството е нелегално. Во Националниот регистар навеле дека детето е родено во САД од сурогат мајка, која била американски државјанин, и со тоа автоматски немало право на исландско државјанство. Бидејќи Х се сметал за малолетник без придружба на Исланд, властите го презеле старателството над него, но го ставиле во згрижувачка нега на првите две жалителки.

Првата и втората жалителка поднеле барање за посвојување на  Х, но таквото барање било ставено во мирување поради тековните постапки поврзани со родителството. Сепак, во мај 2015 година тие се развеле и последователно го повлекле своето барање за посвојување бидејќи повеќе немале право на заедничко посвојување.

По нивниот развод, на Х. му било доделено згрижување прво со едната, па со другата жалителка наизменично, на по една година, а во исто време додека бил кај едната жалителка, му бил овозможен еднаков пристап до другата. Во меѓувреме, на Х му било дадено исландско државјанство врз основа на Закон бр. 128/2015 за доделување на државјанство, кој бил донесен во меѓувреме.

Судот утврди дека и покрај недостатокот на биолошка врска помеѓу жалителите, во нивниот однос имало „семеен живот“.

Сепак, Судот утврди дека одлуката да не се признаат првите две жалителки како родители на Х имала доволна основа во домашното право. Како што наведе Судот, Врховниот суд заклучил врз основа на важечкиот исландски закон дека, како што г-ѓа Фјолнисдотир и г-ѓа Агнарсдотир не го родиле Х, ниту едната ниту другата не можела да се смета за негова мајка. Судот не сметаше дека ова толкување е произволно или неразумно.

Во врска со неопходноста на мерката во едно демократско општество, Судот обрне внимание на дискрецијата („полето на слободна проценка“) која им е дадена на државите во оваа област и на фактот дека реалното уживање во семејниот живот не било нарушено во конкретниот случај на жалителите. Напротив, властите го ставиле Х во згрижувачка нега на другите две жалителки и ја оставиле отворена опцијата за заедничко посвојување на детето  додека тие биле во брак. Властите му дале и државјанство на Х. Накратко, државата презеде чекори за заштита на семејниот живот на жалителите. Со оглед на горенаведеното, Судот прифати дека државата постапила во согласност со своето дискреционо право по ова прашање, со цел да ја заштити забраната за сурогат-мајчинство. Немало повреда на правото на жалителките за почитување на семејниот живот.

Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права