Одбивањето на пристап до класифицирани информации заради јавен интерес било во согласност со Конвенцијата

Во предметот Шекс против Хрватска (жалба бр. 39325/20, 03.02.2022 година) Европскиот суд за човекови права едногласно оцени дека немало повреда на член 10 (слобода на изразување) од Европската конвенција за човекови права.

Предметот се однесуваше на жалбата на пензиониран политичар дека неговото барање за пристап до доверливи (класифицирани) претседателски досиеја со цел да се спроведе истражување за книга било одбиено заради причини поврзани со националната безбедност. Во јуни 2017 господин Шекс поднел барање до Државниот архив на Хрватска за пристап до 56 документи од евиденцијата на Кабинетот на претседателот во периодот помеѓу 1994 и 1999 година. Тој побарал пристап како дел од истражувањето за книгата што ја пишувал за основањето на Република Хрватска. Документите биле класифицирани како „Државна тајна – строго доверливи“ и не му бил одобрен пристап до 25-те документи.

Судот утврди дека начинот на кој домашните власти го оцениле барањето на жалителот не бил суштински погрешен или без соодветни процедурални заштитни мерки. Конкретно, документите што ги барал жалителот биле внимателно разгледани од телото кое имало сопственост над информациите (Канцеларијата на претседателот), при што му била пружана помош од специјализирано советодавно тело (Канцеларијата на Советот за национална безбедност) и, во најголем дел, нему му било одобрено барањето за пристап до предметните документи.

Покрај тоа, одлуката на Претседателот со која се одбило барањето за декласифицирање на некои од бараните документи на крајот била разгледана и потврдена од Комесарот за информации, Вишиот управен суд и Уставниот суд. Поконкретно, Комесарот за информации, кој извршил увид во документите, се согласил со заклучокот дека нивното декласифицирање би можело да наштети на националната безбедност и надворешните односи на земјата и не оценил дека одлуката на извршната власт претставува прекршување на нејзините овластувања. Комесарот, исто така, забележал дека жалителот не објаснил во својата жалба зошто неговиот интерес за пристап до тие информации би ги надминал таквите клучни јавни интереси.

На крајот, Судот беше свесен дека во контекст на националната безбедност од надлежните органи не можело да се очекува да понудат толку детелно образложение како, на пример, во обичните граѓански или управни постапки. Давањето детални причини за одбивање на декласификација на строго доверливи документи лесно може да биде спротивно на самата цел на класификацијата на таквите информации. Земајќи го предвид обемот на процедуралните заштитни мерки обезбедени на жалителот во овој случај, Судот беше уверен дека причините дадени од националните власти за одбивање на пристапот на жалителот до предметните документи не само што биле релевантни, туку и, во овие околности, доволни. Според тоа, во овој предмет не дошло до повреда на членот 10 од Конвенцијата.

Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права