24 Окт Одлуката за протерување на долгогодишен мигрант не доведе до кршење на Конвенцијата
Во предметот Леваковиќ против Данска (жалба бр. 7841/14 од 23.10.2018 година), Европскиот суд за човекови права (ЕСЈЛ) утврди дека не постои повреда на член 8 од Европската конвенција за човекови права (право на почитување на приватниот и семејниот живот). Предметот се однесуваше на одлуката за депортирање на жалителот во Хрватска, земја со која тој немал никаква друга врска освен што бил Хрват по националност. Одлуката за депортирање на жалителот била донесена откако тој бил осуден за кривични дела извршени во Данска, каде што го поминал најголемиот дел од својот живот.
Жалителот е хрватски државјанин, кој бил одведен од Холандија во Данска кога имал девет месеци. Тој бил осудуван неколкупати откако навршил 18 години и добил два налога за протерување, кои биле укинати. Во ноември 2011 година, во периодот на вториот укинат налог за протерување, тој бил уапсен под обвинение за грабеж и поседување оружје. Предметот дошол пред Градскиот суд, каде што се изјаснил за невин. Тој изјавил дека целиот свој живот живеел во Данска, дека никогаш не бил во Хрватска или во поранешна Југославија и дека не го зборува јазикот. Во декември 2012 година Градскиот суд го осудил на пет години затвор и издал налог за негово протерување, со трајна забрана за враќање во земјата. Жалителот бил протеран во декември 2017 година по отслужувањето на казната.
Г-дин Леваковиќ тврдеше дека првостепениот суд не ги зел предвид сите релевантни околности при донесувањето на одлуката, особено фактот дека сите негови блиски луѓе биле во Данска. Од друга страна, интервениентот од трета страна, Европскиот центар за правата на Ромите му укажа на Судот на предрасудите против Ромите во Данска.
Судот утврди дека домашните судови направиле темелна проценка на неговите лични околности, балансирајќи ги интересите на спротивставените страни и земајќи ја предвид судската пракса на Судот во Стразбур. Домашните судови биле свесни дека би требало да постојат добри причини за да се оправда протерувањето на мигрант кој бил населен во земјата долго, но утврдил дека неговите кривични дела биле доволно сериозни за да биде потребна таква мерка. Судовите утврдиле дека тој немал деца чии интереси требало да бидат земени предвид и дека тој бил слабо интегриран во општеството, живеел на криминален начин и покажал недостаток на волја за почитување на данските закони. Севкупно, властите ги засновале своите одлуки на релевантни и доволни причини и не постојат назнаки дека неговото ромско потекло влијаело врз истите.
Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права