Петто мислење за Северна Македонија на Советодавниот комитет за Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства

Советодавниот комитет за Рамковната конвенција на Советот на Европа за заштита на националните малцинства (РКНМ) објави ново мислење на 21.9.2022 година. Според Советодавниот комитет, Северна Македонија постигна значителен напредок во поглед на правната заштита на правата на националните малцинства преку подобрување на своите политики во согласност со Рамковната конвенција, но нивната практична примена треба да се зајакне. 

Властите на Северна Македонија продолжуваат да ја применуваат Рамковната конвенција првенствено во однос на националните малцинства наведени во уставот – Албанци, Бошњаци, Роми, Срби, Турци и Власи, со одредена флексибилност во однос на непризнаените групи.

Советодавниот комитет ѝ даде неколку препораки на Северна Македонија, со цел понатамошно зајакнување на антидискриминацијата и еднаквоста, заштита на националните малцинства од непријателства и насилство, промовирање на нивните култури, како и подобрување на нивното образование и медиумска застапеност и на нивните јазични, работни и станбени права.

Иако меѓуетничките односи се подобрени, етничките и јазичните линии на поделба излегуваат на површина во моменти на криза. За да се обезбеди одржливост на стратегијата „Едно општество за сите“, која зазема вреден интеркултурен пристап, потребна е поголема политичка поддршка на високо ниво и солидно финансирање.

Комитетот со жалење констатира дека мешаните средини во училиштата и училниците и натаму остануваат исклучок. Треба да се применува поинтеркултурен пристап, вклучително и преку обука на наставниците и учениците за културите и историјата на различните малцинства и обезбедување поредовни контакти меѓу учениците од различно етничко потекло.

Правната рамка за борба против говорот на омраза и злосторства од омраза беше дополнително подобрена, но нејзината примена и натаму е незадоволителна, при што говорот на омраза, особено онлајн, претставува сериозен проблем. Имаше неколку случаи на прекршување на човековите права од страна на полициските власти, а санкциите против припадниците на полицијата се ретки. Според тоа, Северна Македонија се повикува да се погрижи злосторствата од омраза и говорот на омраза ефективно да се истражат и да ги зајакне надзорните механизми за справување со постапките на полицијата.

И покрај умереното зголемување на стапките на запишување и намалување на бројот на деца што посетуваат специјални училишта, децата-Роми и натаму постигнуваат значително пониски образовни резултати. Властите треба одлучно да се позанимаваат со де факто сегрегираното образование, преку подобрување на запишувањето на децата-Роми во предучилишните установи, како и на нивниот понатамошен пристап до квалитетно образование. Припадниците на ромската заедница треба да уживаат во законски гарантираната бесплатна здравствена заштита, со особено внимание на пристапот до услугите и информациите за репродуктивното здравје за жените Ромки.

Целосното Мислење може да се најде овде: https://rm.coe.int/5th-op-north-macedonia-en/1680a82967 

Преземено од официјалниот веб-сајт на Советот на Европа