Повреда на Конвенцијата поради колективно протерување на странци во Унгарија

Во предметот Шахзад против Унгарија (жалба бр. 12625/17, 8 јули 2021 година), Европскиот суд за човекови права („ЕСЧП“) едногласно заклучи дека дошло до повреда на членот 4 од Протоколот бр. 1. 4 (забрана за колективно протерување на странци) од Европската конвенција за заштита на човековите права („Конвенцијата“) и повреда на членот 13 (право на ефикасен правен лек) во врска со членот 4 од Протоколот бр. 1. 4 од Конвенцијата.

Предметот се однесуваше на влегувањето на жалителот од Србија во Унгарија како дел од група и неговото последователно протерување од страна на полицијата.

На 11 август 2016 година, жалителот нелегално ја преминал границата со група други лица. Неколку часа подоцна, тој и другите членови на групата биле фатени од унгарската полиција и одведени на другата страна на пограничната ограда помеѓу Унгарија и Србија. Притоа не била донесена формална одлука за протерување.

Единствениот начин на кој жалителот можел легално да влезе во Унгарија бил преку две транзитни зони. Според тврдењата на жалителот, пристапот до зоните во тоа време бил ограничен на 15 лица. Барателите на азил, исто така, морале да се пријават кај еден од мигрантите („задолжен за списокот“) пред да влезат во земјата (на жалителот веќе еднаш му било одбиено барањето да се пријави затоа што бил сам маж). Исто така, не постоела официјална постапка според која би било овозможено лицата да се пријават на списокот на чекање, а потоа да им биде  дозволено да влезат во транзитната зона. Бидејќи жалителот не можел да влезе во Унгарија, тој останал во Србија. Кон крајот на 2016 година, тој доброволно се вратил во Пакистан.

ЕСЧП повтори дека во однос на државите – договорни страни, како што е Унгарија, кои се наоѓаат на надворешната граница на Шенген-зоната, ефективноста на остварувањето на правата од Конвенцијата подразбира тие држави да стават на располагање вистински и ефективни средства за легален влез, особено кога станува збор за граничните процедури. Во случајот на жалителот, пристапните точки биле на 40 и 84 км од местото каде што бил вратен во Србија. Жалителот тврдеше дека тие зони не биле достапни за него поради дневното ограничување на луѓето и потребата од претходно пријавување. ЕСЧП сметаше дека поради дневните ограничувањата за прием, според кои бројот на лица кои се пропуштале бил прилично мал, и поради недостатокот на каква било формална постапка со соодветни заштитни мерки за регулирање на приемот на мигранти, Унгарија не обезбедила ефективно средство за влез. Како резултат на тоа, ЕСЧП утврди дека протерувањето на жалителот било „колективно“, што довело до кршење на неговите права.

ЕСЧП, исто така, го зеде предвид аргументот на Владата дека лицата отстранети според член 5 (1а) од Законот за државните граници биле информирани за нивното право на жалба против полициската одлука. Сепак, Владата не ја образложила правната основа за таквата жалба, не обезбедила соодветна судска пракца, ниту пак се повикала на друг правен лек. Според тоа, ЕСЧП утврди дека жалителот немал соодветен правен лек, што довело до кршење на Конвенцијата.

Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права