08 Авг Повреда на член 10 од Конвенцијата заради осудителна пресуда на жалителот за клевета
Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) едногласно заклучи дека имало повреда на членот 10 (слобода на изразување) од Европската конвенција за човекови права во предметот на Торанцо Гомез против Шпанија (жалба бр. 26922/14 од 20.11.2018). Предметот се однесуваше на осудителната пресуда на жалителот за клевета заради неговите наводи во кои обвинува полицајци за извршување на кривичното дело тортура.
Жалителот, член на активистичка група, окупирал центар за социјална работа. Г-дин Торанцо Гомез и уште еден демонстрант се прицврстиле на подот на тунел што го изградиле под зградата, за да не можат да бидат отстранети. Полицајците ставиле јаже околу половината на г-дин Торанцо Гомез и се обиделе да го извлечат, а кога не успеале во тоа, ги врзале двајцата демонстранти за да ги имобилизираат.
На една прес-конференција во декември жалителот ги опишал активностите на полицијата да го извлече како тортура (мачење). Г-дин Торанцо Гомез бил обвинет за клевета на полициските службеници, а во јули 2011 година бил прогласен за виновен и парично казнет.
Жалителот тврди дека одлуката на националните судови да го прогласат за виновен за клевета е непотребно мешање во неговите права според член 10 (слобода на изразување).
Судот морал да постигне рамнотежа меѓу правата на жалителот според член 10 и оние на полициските службеници според член 8 (право на почитување на приватниот и семејниот живот). Судот конкретно утврдил дека жалителот најверојатно претрпел болка и доживеал вознемирување кога полицијците се обиделе со јаже да го извлечат од импровизираниот тунел за време на протестот со окупирање на простор во социјален центар. Сепак, судовите примениле премногу строга правна дефиниција на неговата изјава за тортура, која ја дал во колоквијален контект, сакајќи да каже дека на него била применета прекумерна сила. Тој, исто така, бил парично казнет и му се заканувала затворска казна доколку не плател, што можело да има застрашувачки ефект врз слободата на изразување. Оттука, постои повреда на правата на жалителот според член 10.
Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права