18 Окт Повреденo правото на приватност на преживеаните од логорот Маутхаузен
Во случајот Левит против Австрија (жалба бр. 4782/18 од 10.10.2019 година), Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) едногласно утврди дека дошло до повреда на член 8 (право на почитување на приватниот и семејниот живот) од Европската конвенција за човекови права (Конвенцијата).
Предметот се однесуваше на тврдењата на 96-годишен преживеан во Холокаустот дека едно десничарско списание му ги нарушило честа и угледот и дека судовите не ги заштитиле неговите права.
Во 2015 година, списанието Аула објавило статија во која луѓето ослободени од концентрациониот логор Маутхаузен биле опишани како „масовни убијци“, „злосторници“ и „чума“. Властите покренале кривична истрага против авторот на статијата, но истрагата на крајот била прекината. Во февруарскиот број на Аула, истиот автор известил за престанокот на кривичната истрага и дословно ги повторил претходните изјави.
Г-н Луит, заедно со други девет други преживеани кои биле затворени во концентрационите логори и биле ослободени во 1945 година поднел тужба против списанието Аула и авторот, во соглсасност со Законот за медиуми (Mediengesetz).
ЕСЧП утврдил дека австриските судови не успеале да ги заштитат правата на жалителот затоа што тие никогаш не се осврнале на централното прашање на неговите тврдења: дека му биле повредени честа и угледот во статијата во која биле користени изрази како „масовни убијци“, „злосторници“ и „чума“ за да се опишат луѓето како него кои биле ослободени од комплексот концентрациони логори Маутхаузен во 1945 година. Наместо тоа, судовите заклучиле дека наводите на жалителот не се основани затоа што бројот на лицата ослободени од логорите бил толку голем што тој не можел лично да биде засегнат од гореспоменатите изјави, во кои не се споменувало ниту неговото име. Меѓутоа, судовите не го испитале фактот дека во моментот на објавувањето на статијата бил многу помал бројот на преживеаните кои се уште биле меѓу живите. Покрај тоа, судовите, исто така, заклучиле дека во статијата едноставно биле повторени изјавите дадени во претходната статија и дека тие конкретно не биле изречени со посебно значење на клевета.
ЕСЧП не беше убеден во наодите на националните судови дека г-дин Луит и другите жалители не биле лично засегнати од втората статија бидејќи контекстот на двата написа бил многу различен, односно статијата од 2016 година била едноставно опис на прелиминарната истрага во врска со статијата од 2015 година, како и во тоа дека изјавите во втората статија немале посебно значење на клевета. Според тоа, недостатокот на соодветно испитување на тврдењата на жалителот за клевета од страна на националните судови довело до повреда на неговото право на приватност.
Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права