Полицијата извршила претрес без доволен број сведоци, во согласност со член 8 од Конвенцијата

Во предметот Симовски против Северна Македонија (жалба бр. 46176/14, 24.06.2021) Европскиот суд за човекови права ја прогласи жалбата за недопуштена.

Предметот се однесуваше на претрес во домот на жалителот, без доволно сведоци, спротивно на условите пропишани со домашното право.

Жалителот е колекционер на антички монети и од 1993 година е член на нумизматичко друштво „Пајонон“,  со седиште во Скопје. Во 2010 година, истражен судија на Основниот суд Скопје  издал налог за претрес во домот на жалителот. Налогот бил издаден на барање на Министерството за внатрешни работи врз основа на основано сомнение дека жалителот ги извршил следните кривични дела: криминален заговор; поткуп; оштетување или уништување на културно наследство; присвојување на културно наследство; и извоз на културно наследство.

Судот смета дека претресот на станот на жалителот претставува мешање во неговото право на „дом“ во смисла на членот 8 од Конвенцијата, според што непотребно е да се утврди дали истото го вклучува и неговиот „приватен живот“ во контекст на неговите жалби пред Судот.

Исто така, беше јасно дека претресот има општа основа во домашното право, како што толкуваат националните судови во конкретниот случај, меѓу другото, и заради тоа што е извршен по наредба на истражен судија. Ова прашање е сосема засебно од прашањето на отсуство на втор сведок за време на претресот, прашање што треба да се разгледа во врска со процедуралните гаранции. Предметниот претрес бил нареден со цел да се откријат физички докази за сериозни прекршоци, а со тоа имал и „легитимна цел“, имено спречување на криминал и заштита на правата на другите. Според тоа, останува да се реши дали мешањето во правото на дом на жалителот било „неопходно во едно демократско општество“ во смисла на членот 8 од Конвенцијата – односно дали мешањето било пропорционално на легитимната цел.

Осврнувајќи се на налогот за претрес, Судот забележува дека е составен во релативно опширни рамки. Меѓутоа, иако можеби било изводливо налогот за претрес да се срочи попрецизно, во дадените околности било доволно тоа што неговиот опсег бил ограничен со наведените наводни прекршоци, како и тоа што на жалителот потоа му бил доставен документ со кој се потврдува заплената на сите пронајдени предмети (вклучувајќи ги и оние што им припаѓаат на неговите родители) за време на претресот, заедно со некои дополнителни предмети кои не биле забележани во записникот за претрес.

Конечно, во однос на процедуралните гаранции, Судот забележува дека иако за време на претресот бил присутен само еден сведок, а не двајца, самиот жалител бил, исто така, присутен. Покрај тоа, и тој  го потпишал официјалниот записник за  претрес и заплена и потврдата за заплена, и немал забелешки ниту за постапката за претрес како таква, ниту за образложението на налогот за претрес. Оттаму, Судот смета дека на жалителот му биле дадени соодветни и ефективни заштитни мерки од каква било злоупотреба за време на самиот претрес.

Со оглед на тие околности, Судот заклучи дека мешањето во правото на „дом“ на жалителот било „во согласност со законот“, имало легитимна цел и било „потребно во едно демократско општество“, за целите на членот 8 од Конвенцијата. Според тоа, овој дел од жалбата е очигледно неоснован и мора да биде отфрлен во согласност со член 35 став 3 (а) и 4 од Конвенцијата.

Преземено од официјалниот вебсајт на Европскиот суд за човекови права