Правична рамнотежа помеѓу правото на почитување на приватниот живот и правото на слобода на изразување

Во предметот Месиќ против Хрватска (бр. 2) (жалба бр. 45066/17, 30.05.2023 година), Европскиот суд за човекови права со пет гласа „за“ и два „против“ оцени дека нема повреда на членот 8 (право на почитување на приватниот живот) од Европската конвенција за човекови права. ЕСЧП веќе пресудил во посебниот предмет Месиќ против Хрватска (жалба бр. 19362/18), во кој одлучувал по пријавата на жалителот во тужбата за клевета поднесена против жалителот од страна на адвокат.

Предметот бр. 2 се однесува на напис објавен во февруари 2015 г. на информативниот онлајн портал „Дневно.хр“, во кој се наведува дека на жалителот, поранешен претседател на Хрватска, за време на неговиот мандат му било понудено мито или бил подмитен во врска со набавката на оклопни возила за хрватската армија од финската компанија Патриа. 

Г-дин Месиќ се пожали дека со отфрлањето на неговата граѓанска тужба за отштета, домашните судови не успеале да ја заштитат неговата репутација, со што го прекршиле неговото право да му се почитува приватниот живот. 

ЕСЧП веќе пресуди дека, иако медиумите не смеат да пречекоруваат одредени граници, особено во однос на угледот и правата на другите и потребата да се спречи откривањето на доверливи информации, сепак, нивната должност е да нудат – на начин кој е во согласност со нивните обврски и одговорности – информации и идеи за сите прашања од јавен интерес. ЕСЧП се согласи дека изјавите кои го прикажуваат г-дин Месиќ како криминалец можело сериозно да го нарушат неговиот углед и да го дискредитираат во очите на јавноста, а со тоа да ги загрозат неговите права според член 8 од Конвенцијата. 

Главното прашање беше дали државата постигнала правична рамнотежа помеѓу правото на заштита на угледот на г-дин Месиќ и правото на слобода на изразување на информативниот портал. ЕСЧП истакна дека, при испитувањето на предметот, националните судови обрнале внимание на релевантните критериуми утврдени во судската пракса на ЕСЧП за ваквото воспоставување рамнотежа. Тие ценеле дали написот придонесол кон дебата за прашање од јавен интерес, колку е познат жалителот, на кој начин се добиени информациите, и колку се вистинити. 

ЕСЧП утврди дека написот несомнено се однесувал на прашање од јавен интерес, а „чуварската“ улога на медиумите е особено важна во таков контекст, каде што истражувачкото новинарство значи дека властите може да сносат одговорност. Исто така, границите на прифатлива критика се пошироки за политичари отколку за приватни лица. Ова е дотолку повеќе точно за г-дин Месиќ, бидејќи тој не бил обичен политичар, туку шеф на државата. Покрај тоа, написот не го опфаќал неговиот приватен живот, туку неговото однесување при извршувањето на службените должности. 

ЕСЧП одлучи дека наодите на домашните судови треба да се гледаат имајќи го предвид фактот дека тие го испитале написот како целина, наместо да ги ценат само трите изјави поединечно. За ЕСЧП, пристапот на домашниот суд е оправдан, бидејќи е тешко да се одделат трите изјави од остатокот од написот. ЕСЧП утврди дека новинарот го пријавил само она што е наведено во официјалните документи и јасно ставил до знаење дека изјавата за примање поткуп од 630.000 евра од страна на г. Месиќ не е негова. ЕСЧП не најде ништо неточно во изјавата дека две лица се осудени на затворска казна за давање мито за продажба на оклопни возила на Хрватска. Што се однесува до третата изјава, ЕСЧП утврди дека, ако написот се разгледува во целина, не може да се каже дека новинарот недвосмислено изјавил дека г-дин Месиќ учествувал во криминални активности. ЕСЧП заклучи дека националните судови постигнале правична рамнотежа помеѓу правото на почитување на приватниот живот на поранешниот претседател и правото на слобода на изразување на информативниот портал. Според тоа, немало повреда на членот 8 од Конвенцијата.  

Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права