25 Мај Правото на синдикатите да го контролираат своето членство во однос на правото на слобода на здружување на идните членови
Во предметот Влахов против Хрватска (жалба бр. 31163/13, 05.05.2022 година) Европскиот суд за човекови права едногласно оцени дека дошло до повреда на член 11 (слобода на здружување) од Европската конвенција за човекови права.
Предметот се однесуваше на правото на синдикатите да го контролираат своето членство во однос на правото на слобода на здружување на идните членови. На почетокот на 2007 година, жалителот бил претставник на шибенскиот огранок на Синдикатот на царинските службеници на Хрватска („ЦСХ“). ЦСХ бил еден од двата синдикати кои работеле во рамките на царинската испостава Шибеник и релативно мала организација од околу 30 членови во тоа време, при што членството било чисто на доброволна основа. Жалителот ги одбил барањата за членство на 15 вработени во царинската испостава Шибеник. Ја образложил одлуката во писмо упатено до засегнатите во царинската испостава, велејќи дека постапува во договор со другите членови на синдикатот да не го шири членството на ЦСХ. Меѓутоа, во исто време, претседателот на ЦСХ, кој имал несогласувања со г-дин Влахов околу управувањето со синдикатот, ги запишал 15-те потенцијални членови. На вонредното генерално собрание во март било разговарано за одбивањето на г-дин Влахов да ги прифати 15-те членови и било одлучено тој да се разреши од функцијата синдикален претставник. Општинскиот суд го прогласил за виновен и изјавил дека тој постапил спротивно на Уставот, релевантното домашно законодавство и статутот на ЦСХ. Исто така, го отфрлил како нерелевантно неговото барање за сослушување тројца сведоци. Ова образложение било поддржано од страна на Жупанискиот суд во декември 2010 година и Уставниот суд во октомври 2012 година.
Како прво, Судот сметаше дека осудата на г-дин Влахов претставувала мешање во правото на синдикатите – како здруженија формирани од луѓе – да го контролираат своето членство, како што е загарантирано во член 11 од Конвенцијата.
Освен тоа, Судот беше подготвен да прифати дека таквото мешање било пропишано со закон, имено со член 109 од Кривичниот законик, и дека има за цел да го заштити правото на идните синдикални членови да ја користат слободата на здружување. Сепак, тој утврди дека одлуките на домашните судови не биле соодветно образложени. Одлуките не содржеле детали и не биле образложени од гледна точка на релевантните принципи од член 11 од Конвенцијата, во однос на усогласеноста на постапките на жалителот со внатрешните прописи и статутот на синдикатот, за фактот дека подносителот, како синдикален претставник, имал право на време да преземе дејствија за заштита на интересите на своите членови и за внатрешниот спор во ЦСХ и можните последици. Судовите го одбиле дури и неговото барање да изведе дополнителни докази, без соодветно образложена одлука.
Во секој случај, Судот утврди дека потенцијалните членови очигледно не претрпеле никакви препознатливи тешкотии, бидејќи немало договор за исклучивост. Токму напротив, тие биле слободни да се зачленат во другиот синдикат или да поведат судска постапка за нивните услови на работа.
Судот, исто така, не утврди постоење на дискриминаторски мотив зад дејствијата на жалителот. Навистина, тој немал намера да го негира приемот на потенцијалните членови како таков, туку да ја одложи одлуката за продолжување на членството на синдикатот до претстојното годишно генерално собрание. Судот утврди дека овде мешањето не било неопходно во едно демократско општество и затоа оцени дека дошло до повреда на член 11 од Конвенцијата.
Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права