Претставките за намалување на старосните пензии во Србија се недопуштени

Во предметот Жегарац и други против Србија (претставка бр. 54805/15 и 10 други претставки, 09.02.2023), Европскиот суд за човекови права едногласно одлучи да прогласи осум претставки за недопуштени.

Предметот првенствено се однесуваше на жалбите од 11 подносители на претставки поврзани со фактот што исплатата на нивната старосна пензија се намалила од ноември 2014 година до септември 2018 година. Намалувањето следувало по законските измени воведени од Владата како дел од поширок пакет на мерки за штедење. Кога се сметало дека јавниот долг е доволно намален, законот бил ставен вон сила.

Судот повтори дека член 1 од Протокол бр. 1 (заштита на сопственоста) од Конвенцијата за човекови права, како таков, не гарантира какво било право на пензија во одреден износ. Меѓутоа, подносителите на претставката биле официјално признати корисници на државниот законски пензиски план и не е спорно дека намалувањето на нивните пензии претставувало мешање во нивното право на мирно уживање на својот имот.

Таквото мешање имало законска основа во Законот за намалување на пензии, кој Уставниот суд темелно го протолкувал во образложението, а кое ЕСЧП го прогласи за прифатливо. Понатаму, законот бил објавен во Службен весник, овозможувајќи им на подносителите да ги предвидат последиците по нивните пензии. 

Судот конкретно одлучи дека намалувањето на исплатата на пензии било ограничено на приматели на повисоки пензии, било привремено и траело помалку од четири години, а методот кој што се применувал во пресметките не бил неразумен и подразбирал постепено зголемување на намалувањето на пензиите во износ од над 25.000 РСД. Исто така, ниту еден од подносителите не докажал(а) дека бил(а) изложен(а) на ризик од немање доволно средства за живот или дека нивните услови за живот се влошиле под прагот на егзистенција.

Затоа, властите воспоставиле правична рамнотежа помеѓу гарантирањето финансиска стабилност на пензискиот систем, што е во општ интерес на јавноста, и штитењето на имотните права на подносителите, со цел тие да не поднесат индивидуален и прекумерен товар.

Судот, исто така, едногласно одлучи да ги избрише другите три претставки од својот список на предмети.

Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права