27 Јун Применливи членови на Европската конвенција за човекови права во случај на сообраќајни несреќи во кои се нанесени тешки телесни повреда
Предметот Никола Виргилиу Танасе против Романија (жалба бр. 41720/13) се однесува на судија кој бил тешко повреден во сообраќајна несреќа во 2004 година. Кривичната постапка, во која г. Танасе се приклучил како оштетена (граѓанска) страна, била запрена осум години подоцна, со одлука да не се поведе кривична постапка против другите двајца возачи кои биле вклучени во несреќата.
Во текот на следните осум години, се поведоа три круга на постапки на две нивоа на надлежност. Инспекторите истражувале неколку опции за тоа кој е виновен за сообраќајната несреќа.
Пред Европскиот суд за човекови права („ЕСЧП“), г. Танасе конкретно се пожали дека кривичната истрага била неделотворна, траела предолго и не му било овозможено да добие судска одлука во врска со неговата граѓанска тужба.
Големиот судски совет ја искористи можноста да разјасни кои членови на Европската конвенција за човекови права треба да се применат во случај на несреќа во која се нанесени тешки повреди.
Судот утврди дека ниту член 3 ниту член 8 не се применливи во случајот на жалителот и ги прогласи неговите жалби во однос на тие одредби поврзани со истрагата за недопуштени, со оглед на фактот што жалителот никогаш не тврдел за време на истрагата дека другите двајца возачи имале намера да го повредат него, и што немало докази кои сугерираат дека тоа било случај. Ниту, пак, имало намера да му се наштети на неговиот физички и психички интегритет, заштитен со член 8.
Со оглед што повредите со кои се задобил г-дин Танасе претставувале опасност по неговиот живот, Судот одлучи да го разгледа делот од неговата жалба кој се однесува на делотворноста на истрагата исклучиво според член 2 (право на живот) од Европската конвенција.
Европскиот суд за човекови права утврди:
- со 13 наспроти четири гласа дека не дошло до повреда на член 2 во однос на истрагата за несреќата. Таа била темелна и резултирала со многу докази за тоа кои се можните причини за несреќата. Г-н Танасе имал пристап до списите на предметот и можел целосно да ги искористи правните лекови што му биле достапни според домашното законодавство за да ги оспори одлуките на властите и да побара дополнителни докази;
- со 16 наспроти еден глас дека не дошло до повреда на член 6, став 1 (право на пристап до суд). И покрај тоа што неговата граѓанска тужба никогаш не било разгледана од кривичен суд затоа што властите ја прекинале постапката против другите двајца возачи, тој можел да користи други канали за да ги оствари своите граѓански права; и,
- со 10 наспроти 7 гласа дека не дошло до повреда на член 6, став 1 (право на правично судење во разумен рок). Периодот од скоро осум години за да се заврши истрагата, со оглед на нејзината сложеност, не бил предолг, а надлежните органи доследно преземале чекори во текот на постапката за да ги разјаснат околностите на случајот.
Преземено од официјалниот вебсајт на Европскиот суд за човекови права