Принципот ne bis in idem е неприменлив во предмет кој се однесува на мерки против хулиганството во Хрватска

Европскиот суд за човекови права едногласно ја прогласи жалбата во предметот Серажин против Хрватска за недопуштена (жалба бр. 19120/15, 08.11.2018 година). Предметот се однесуваше на мерките кои се користат во Хрватска за борба против хулиганизмот.

Жалителот во овој предмет, г-дин Серажин, тврдел дека му се повредени правата според членот 4 од Протоколот бр. 7 (право да не се биде осуден или казнет двапати) заради тоа што бил гонет и осуден двапати за предизвикување неред на фудбалски натпревар во 2012 година, прво во прекршочна постапка, а потоа во постапка во која му била изречена забрана да присуствува на спортски настани.

Судот повтори дека принципот ne bis in idem или начело според кое не може на едно лице да му се суди двапати за исто дело се однесува само на судење и/или пресуда во ,,кривична постапка”. Судот заклучи дека членот 4 од Протоколот бр. 7 не е применлив во случајот на г-дин Серажин, бидејќи тој не се соочил со кривична пријава во втората постапка. Мерката применета во оваа постапка не вклучувала парична казна или негово лишување од слобода, и во суштина имала за цел да го спречи да изврши насилство во иднина, а не да го казни по втор пат за прекршок хулиганство. Всушност, во претходните предмети по кои одлучувал Судот, а кои вклучувале уште подрастично влијание врз жалителите од оние со кои се соочил жалителот во овој предмет, како што е наредбата оние жалители кои биле припадници на некоја мафијашка група да се јавуваат еднаш неделно во полиција или одбивањето да се издаде дозвола за престој на лице по неговата осудителна пресуда, Судот утврдил дека во овој предмет изречените мерки не биле со тежина на ,,казна за кривично дело”.  

Преземено од официјалниот веб сајт на Европскиот суд за човекови права