Сместувањето на семејство во транзитната зона Рошке не е во согласност со Конвенцијата

Во предметот В.О. и други против Унгарија (претставка бр. 36896/18, 25.8.2022 година), Судот заклучи дека дошло до повреда на член 3 (забрана на мачење) и на член 5 ставови 1 и 4 (право на слобода и безбедност) од Европската конвенција за човекови права.

Предметот се однесува на затворање на семејството-жалител во унгарската транзитна зона. Првиот и вториот жалител се мајката и таткото, сооветно, а третиот и четвртиот се нивните деца, кои во моментот на предметните настани имале три и една година. Семејството престојувало во транзитната зона Рошке на границата меѓу Унгарија и Србија помеѓу 23 април и 19 ноември 2018 година, освен одреден период што го поминале во одделот за депортација. Биле сместени во монтажна барака со посебен кревет и гардероба за секој од нив. Освен тоа што дале опис на општите услови, подносителите на претставката изјавиле дека првиот и третиот жалител страдале од здравствени проблеми предизвикани, меѓу другото, од нивната историја на семејно злоставување и проблемите поради нивната животна состојба. Тие постојано барале да бидат преместени во отворен прифатен објект и да добијат соодветна помош. Првата жалителка се сретнала со психолог во петнаесет наврати; сепак, помошта била наводно несоодветна и обезбедена на јазик што таа не го разбирала.

Судот забележа дека во предметот Р.Р и други (бр. 36037/17, 02.04.2021 година), кој е сличен на овој, Судот утврдил повреда на оваа одредба поради условите на кои децата и мајката-жалители биле изложени за време на нивниот речиси четиримесечен престој во транзитната зона Рошке.

Што се однесува до децата-подносители на претставката, кои во предметниот период имале една и три години, Судот сметал дека, со оглед на условите и ограничувањата својствени за време на затворањето, должината на нивниот престој во транзитната зона Рошке мора да им предизвикала психичко страдање и штетни последици за нивната благосостојба.

Што се однесува до возрасните жалители, Судот забележа дека тие, заедно со нивните деца, останале во транзитната зона во текот на целото лето на 2018-та година. Со оглед на големината на контејнерот, недостатокот на соодветна вентилација и ограничениот надворешен простор, којшто, освен тоа, бил изложен на сонце, Судот прифати дека топлината во текот на летото ја влошила нивната состојба и затоа е битна за проценката според член 3 од Конвенцијата. Судот понатаму утврди дека првата жалителка била особено ранлива. Со оглед на тоа, Судот смета дека условите на затворање, како и ограничувањата и несигурноста поврзани со тоа мора да довеле до значително психичко страдање на првата жалителка, за кое властите мора да биле свесни. Покрај тоа, забележано е дека таа била изложена на овие услови речиси седум месеци.

Во однос на вториот жалител, Судот на 2 ноември 2018 година одлучи да ѝ укаже на Владата, според Правилото 39 од Деловникот на Судот, на нејзината должност да ѝ обезбеди храна за време на нејзиниот престој во одделот за депортација. Страните не спореа дека властите не ѝ обезбедувале храна додека била држена таму.

Иако се чини дека има одредени нејаснотии во однос на времетраењето на престојот на подносителите на претставката во одделот за депортација, Судот, имајќи го предвид деталниот извештај даден од жалителите, а кој не беше побиен со ниту еден доказ од Владата, утврди дека биле задржани таму помеѓу 31 октомври и 5 ноември 2018 година. Судот смета дека властите не ја зеле предвид состојбата на зависност во која живеел вториот жалител во овој период. Имајќи ги предвид сите горенаведени размислувања, Судот смета дека обжалената ситуацијата ги подложила апликантите на третман кој го надминал прагот на сериозност потребен за инволвирање на член 3 од Конвенцијата. Поради тоа, дошло до повреда на таа одредба.

Жалбата на подносителите на претставката дека движењето им било ограничено во рамките на транзитната зона спротивно на член 5 ставови 1 и 4 од Конвенцијата е слична на онаа што се испитуваше во предметот Р.Р. и други, каде што Судот утврди дека престојот на жалителите од речиси четири месеци во транзитната зона претставува фактичко лишување од слобода. Судот ги усвои жалбите на жалителите и утврди повреда на член 5 ставови 1 и 4 од Конвенцијата во светлина на неговите наоди во предметот Р.Р. и други.

Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права