29 Апр Со пресудата за потпомагање самоубиство не е прекршена Конвенцијата
Во предметот Лингс против Данска (жалба бр. 15136/20, 12.04.2022 година) Европскиот суд за човекови права едногласно оцени дека немало повреда на член 10 (слобода на изразување) од Европската конвенција за човекови права.
Подносителот на жалбата е лекар и основач на организацијата за потпомагање во самоубиство „Лекари за еутаназија“. Под закрила на организацијата, тој изработил водич наречен „Лекови погодни за самоубиство“, кој го објавил на Интернет, во согласност со данските закони. Тоа бил водич за тоа како да се изврши самоубиство, вклучувајќи детални описи на различни лекови, потребните дози, физички методи, итн. Предметот се однесува на пресудата против него по две точки: за потпомогнување во самоубиство и за обид за потпомогнување во самоубиство. Подносителот изјави дека едноставно ширел информации за самоубиството.
Страните не спореа дека пресудата против жалителот претставува мешање во неговите права на слободно изразување. Судот постапуваше врз таа основа. Исто така, утврди дека основата е пропишана со закон (член 240 од Кривичниот законик). Истакна дека, од 1930 година наваму, потпомогнатото самоубиство е нелегално во Данска, како и дека релевантниот закон предвидува дека за изрекување пресуда е потребно претходно да се утврди дека обвинетиот извршил конкретен чин на потпомагање во извршување самоубиство.
Сепак, Судот не беше повикан да утврди дали инкриминацијата на потпомогнатото самоубиство е оправдана, туку само дали тоа е „неопходно во едно демократско општество“ во овој случај. Судот истакна дека властите имаат должност да ги заштитат ранливите членови на општеството. Судот нагласи дека Конвенцијата не предвидува право на потпомогнато самоубиство. Укажа на конечните заклучоци на Врховниот суд и не најде причина за несогласување со нив, а особено со тоа дека советите на г-дин Лингс, и покрај тоа што се засновани на неговиот водич за самоубиство, поттикнале едно лице да изврши самоубиство. Иако водичот бил објавен легално, предметот, сепак, почиваше на конкретни совети дадени на поединци. Заклучи дека ниту пресудата, ниту казната не биле прекумерни во овој случај.
Се на се, причините за донесување на одлуката од страна на домашните судови – заштита на здравјето и моралот и правата на другите – биле легитимни и тие постапувале во рамките на своите широки дискрециони права („margin of appreciation“) што им се дадени на властите во овој конкретен случај.
Преземено од официјалната веб-страна на Европскиот суд за човекови права