Судската пресуда со која на адвокат му се наложува да плати прекумерно утврден износ на надомест на штета ја прекршила неговата слобода на изразување

Европскиот суд за човекови права едногласно одлучи дека имало повреда на член 10 (слобода на изразување) на Европската конвенција за човекови права во предметот Паис Пирес де Лима против Португалија (претставка бр. 70465/12, 12.02.2019).

Предметот се однесувал на жалба против наводна повреда на слободата на изразување по пресудата на граѓански суд, со која на адвокат му било наложено да му плати отштета на судија чии лична и професионална чест и углед ги нападнал.

Жалителот се обратил до Вишиот судски совет (ВСС) со жалба против пристрасност од страна на судијата Р.П., кој го окарактеризирал предметот во кој жалителот бил адвокат на одбраната како случај на „корупција“ и „измама“.

Жалителот бил прогласен за одговорен во граѓанска постапка поради обвиненијата против судијата Р.П. изнесени во писмо упатено до ВСС, во кое предложил отворање на дисциплинска истрага против судијата. По тужбата поднесена од страна на судијата Р.П., домашните судови едногласно утврдиле дека наводите на жалителот за „измама“, пристрасност и корупција во неговото писмо биле особено сериозни и ја довеле во прашање личноста, честа и професионалниот интегритет на судијата како претставник на судството. Со оглед на тоа што жалителот, исто така, го обвинил судијата и за мито, ЕСЧП смета дека било соодветно домашните судови да побараат релевантни докази во поткрепа на наводите на жалителот. Домашните судови утврдиле дека наводите на жалителот се неосновани.

Судот особено утврдил дека причините што ги навеле националните судови за утврдување на граѓанска одговорност се покажале како релевантни и доволни. Сепак, Судот смета дека износот на надоместокот што му бил одреден на жалителот да го плати во корист на судијата Р.П. е претерано висок, особено поради тоа што обвиненијата не биле јавно објавени, туку содржани во жалба во писмо испратено до ВСС. Иако предметните изјави биле предмет на дискусија во судските кругови, Судот смета дека жалителот не може да биде одговорен за протекување на информации од постапки што треба да бидат доверливи. Судот заклучи дека мешањето во слободата на изразување на подносителот на жалбата не било „неопходно во едно демократско општество“.

Преземено од официјалната веб страна на Европскиот суд за човекови права