Телевизиско интервју на малолетно лице одржано без родителска согласност довело до повреда на Конвенцијата

Во предметот И.В.Ț. против Романија (жалба бр. 35582/15, 01.03.2022 година) Европскиот суд за човекови права едногласно одлучи дека дошло до повреда на членот 8 (право на почитување на приватниот и семејниот живот).

Предметот се однесуваше на телевизиско интервју со малолетничка, кое било одржано без добивање на родителска согласност или преземање на други соодветни мерки за заштита на нејзиниот идентитет. Интервјуто, кое се однесувало на смртта на една школска другарка, резултирало со малтретирање на малолетничката и кај неа предизвикало емоционален стрес. Во 2013 година подносителката на жалбата ја тужела холдинг компанијата на телевизискиот канал за надомест на штета. Општинскиот суд одлучил во нејзина корист, додалувајќи ѝ отштета од 200.000 романски леи (приближно 40.436 евра) поради тоа што интервјуто било одржано без согласност од родителите.

Во 2014 година, Окружниот суд во Прахова ја поништил таа одлука, притоа наведувајќи го правото на новинарска слобода и јавниот интерес како аргументи за донесената одлука, и сметајќи дека компанијата не треба да биде одговорна за однесувањето на членовите на училишната заедница. Жалбата по правните прашања од страна на подносителката била отфрлена од Апелациониот суд во Плоешти во 2015 година, кој го потврдил образложението на Окружниот суд, сметајќи дека согласноста на родителите не би ја променила ситуацијата.

Судот повтори дека според Конвенцијата, државите се обврзани да обезбедат почитување на приватниот живот дури и во сферата на меѓусебните односи на поединците во рамките на нивните правни системи. Ова особено важи кога станува збор за малолетници. Во однос на самото интервју, Судот беше уверен дека се работи за прашање од јавен интерес. Меѓутоа, жалителката била малолетна и затоа барањето на родителска согласност – кое никогаш не било добиено – морало да се земе одмери во врска со тој факт. Судот особено забележа дека според важечките регулативи на Националниот аудиовизуелен совет „правото на било кое малолетно лице на приватен живот и приватниот имиџ преовладува над потребата за информации, особено во случај кога тоа малолетно лице се наоѓа во тешка положба“. Судот забележа дека домашните судови утврдиле дека жалителката претрпела тешка вознемиреност и душевна болка по емитувањето на интервјуто. Дури и кога новинското известување придонесувало кон јавната дебата, откривањето на приватни информации – како што е идентитетот на малолетно лице кое било сведок на драматичен настан – не смеело да ја надмине уредувачката дискреција и морало да биде оправдано.

Судот заклучи дека апелационите судови во овој случај само површно воспоставиле рамнотежа помеѓу прашањето за правото на жалителката на приватен живот и правото на радиодифузерот на слободно изразување. Тие суштински не го земале предвид фактот дека таа била малолетна, притоа неисполнувајќи ја својата обврска да го заштитат нејзиното право на приватен живот, што претставува прекршување на член 8.

Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права