17 Јул Повеќе прекршувања на Европската конвенција заради осудителната пресуда на панк-групата Пуси Рајот (ориг. Pussy Riot)
Европскиот суд за човекови права најде повеќе прекршувања на Европската конвенција за човекови права во предметот Марија Алехина и други против Русија (жалба бр. 38004/12 17/07/2018). Предметот се однесуваше на осудителната пресуда и затворањето на тројца членови на панк групата Пуси Рајот (ориг. Pussy Riot) заради обид за изведување на една од нивните протестни песни во московската катедрала во 2012 година.
На 21 февруари 2012 година, по серијата настапи во рускиот главен град, тие се обиделе да изведат една од своите песни ,,Панк молитва – Дева Маријо, ослободи не од Путин”, пред олтарот на московската катедрала Исус Спасителот. Изведбата имала за цел да изрази неодобрување на политичката ситуација во Русија во тоа време, како и неодобрување на патријархот Кирил како предводник на Руската православна црква. Во тој момент немало служба, но некои луѓе биле во катедралата, вклучувајќи и новинари и медиуми поканети од страна на бендот заради публицитет. Изведбата траела малку повеќе од една минута бидејќи чуварите во катедралата брзо го исфрлиле бендот надвор. Бендот поставил видео снимка од нивниот обид за изведба на својот веб сајт и на YouTube.
Набргу потоа, подносителите на жалбата биле уапсени набргу заради ,,хулиганство мотивирано од верска омраза”, а судовите донеле одлука според која нивната изведба било навредлива.
Европскиот суд за човекови права утврди повеќе прекршувања на Европската конвенција.
Судот оцени дека дошло до:
- повреда на членот 3 (забрана на нечовечко или понижувачко постапување) од Европската конвенција за човекови права поради условите под кои членовите на бендот биле превезени до и од судницата (пренатрпаност) за да присуствуваат на рочиштата и поради тоа што биле подвргнати на понижување така што биле постојано затворени во стаклени кабини за време на рочиштата, опкружени со вооружени полицајци и чуварско куче.
- повреда на членот 5 § 3 (право на слобода и безбедност) од Европската конвенција бидејќи домашните судови навеле само стереотипни причини за нивното задржување на притвор во очекување на судењето цели пет месеци;
- повреда на членот 6 став 1 (в) (право на правично судење / право на правна помош по сопствен избор) бидејќи безбедносните услови во судницата, имено стаклената кабина и строгото обезбедување, ги спречиле членовите на бендот насамо да комуницираат со своите адвокати за време на едномесечното судење;
- повреда на членот 10 (слобода на изразување) поради осудителната пресуда на членовите на бендот и нивните затворски казни. Судот прифати дека одредена реакција заради кршење на правилата на однесување во верски објект била оправдана. Сепак, домашните судови не успеале да објаснат зошто било неопходно да се осудат и да казнат со затворска казна подносителите на жалбата. Судовите не испитале дали нивното однесување може да се протолкува како повик на насилство, омраза или нетолеранција, што би била единствената прифатлива причина, според меѓународните стандарди, за ограничување на правото на жалителите за слобода на изразување во форма на кривична санкција. Судот утврди дека осудувајќи ги на казна затвор за едноставно носење облека со светла боја, телесни движења и користење на провокативен јазик, без да се анализираат текстовите на нивните песни или контекстот во кој се одиграла нивната изведба, како и ускратувањето на можноста апликантите да учествуваат во постапката, не е во согласност со член 10. Судот сметаше дека имало и дополнителна повреда на член 10 поради забраната за пристап до нивните видеоснимки на Интернет.
Преземено од официјалниот веб сајт на Европскиот суд за човекови права.