Нова пресуда во корист на истополовите бракови

Еден бугарски суд за прв пат во историјата на таа земја ги призна истополовите бракови. Судот пресуди во корист на две лезбејки кои сакаат да живеат таму како брачен пар.

Парот, Кристина Палма од Австралија и Маријама Диало, стапиле во брак во Франција во 2016 година. Набрзо потоа тие заедно се преселиле во Бугарија. Кристина Палма покренала судска постапка откако нејзиното барање за престој во Бугарија било одбиено, и покрај тоа што била во брак со државјанин на Европската унија.

Кристина Палма потоа поднела тужба поради одбивањето на нејзиното барање за престој, која ја добила на 29 јуни, кога судот во Софија пресудил во нејзина корист. Судот во својата пресуда навел дека тој мора да постапува во согласност со неодамнешната пресуда на Европскиот суд на правдата во врска со сличен предмет во Романија (Релу Адриан Коман и други против Генералниот инспекторат за имиграција и други, пресуда C-673/16 , 05.06.2018). Според Европскиот суд на правдата, земјите-членки на ЕУ не смеат да ја ограничуваат слободата на престој на државјанин на ЕУ, одбивајќи да му дадат престој на неговиот партнер од ист пол – државјанин на земја која не е земја членка на ЕУ.

Бугарскиот закон сè уште ги спречува паровите од ист пол да стапуваат во брак или да посвојуваат деца. Бугарскиот Кривичен законик, исто така, не признава кривични дела сторени од омраза врз основа на хомофобија и трансфобија, но оваа пресуда им влеа надеж за иднината на бугарските активисти за правата на хомосексуалците, бисексуалците, трансродовите и интерродовите лица (ЛГБТИ).

,,Ова е добра вест за движењето за правата на хомосексуалците, бисексуалците, трансродовите и интерродовите лица (ЛГБТИ). кое се бори за законско признавање во Бугарија “, рече Венета Лимберова, Претседателка на Младинската организација за правата на хомосексуалците, бисексуалците, трансродовите и интерродовите лица (ЛГБТИ) Дејствие.

Бугарија е една од шесте земји-членки на ЕУ – заедно со Полска, Словачка, Романија, Литванија и Латвија – кои законски не ги признаваат истополните односи.

Извор: Австралиски SBS, вести.

https://www.pinknews.co.uk/2018/07/17/bulgaria-recognises-rights-of-married-lesbian-couple-in-historic-first/

https://www.sbs.com.au/yourlanguage/spanish/en/article/2018/07/13/australian-woman-makes-same-sex-marriage-history-bulgaria