09 Авг Пресуда на Европскиот суд за човекови права против Романија за кршење на членот 6 од Конвенцијата во постапката за добивање семеен додаток
Во предметот Негреа и други против Романија (жалба бр. 53183/07, 24.07.2013), Европскиот суд за човекови права едногласно одлучи дека дошло до повреда на членот 6 § 1 (право на правично судење во разумен рок) и повреда на членот 13 (право на делотворен правен лек) во врска со членот 6 став 1 од Европската конвенција за човекови права.
Овој предмет, меѓу другото, се однесува и на наводите за индиректна дискриминација врз основа на припадноста на ромската етничка група кога станува збор за донесување одлуки во однос на правото на семејни надоместоци.
Жалителите се романски државјани – припадници на ромската ромската етничка заедница. Законските одредби кои биле на сила во моментот кога тие живееле заедно со своите партнери (од 2001 до 2003 год.) предвидувале доделување на разни социјални права, како што се исплата на родителски додаток за мајките (додаток за родено дете) и детски додаток. Секоја од нив родила вонбрачно детe, а сите деца биле признаени од нивните татковци. Жалителите тврдеа дека нивниот локален градски службеник одбил да ги заведе нивните барања за доделување додаток заради тоа што тие не склучиле граѓански брак со татковците на нивните деца.
Жалителите поднеле кривична пријава против конкретниот службеник и градоначалникот на градот Фрата во првостепениот суд во Турда тврдејќи дека станува збор за злоупотреба на службената должност.
Судот, прво, сметаше дека постапката која траела седум години и девет месеци, не го исполнувала критериумот “судење во разумен рок” бидејќи таквото времетраење не би можело да се припише на сложеноста на предметот или на однесувањето на жалителите. Сепак, Судот истакна дека немало конкретни докази во списите со кои би се докажало дека лицата од ромската етничка заедница биле повеќе погодени од ваквото постапување од останатите и сметаше дека немало дискриминаторско постапување од страна на властите. И на крајот, Судот истакна дека тогаш во Романија не постоел делотворен правен лек преку кој би можело да се поднесе жалба за прекумерното времетраење на постапката. Така, овде постои повреда на членот 6, став 1 и членот 13 од Конвенцијата.
Преземено од официјалниот веб сајт на Европскиот суд за човекови права.