Одлуката за прекин на контакт на апликантот со неговите деца доведе до повреда на членот 8 од Конвенцијата

Европскиот суд за човекови права сметаше дека дошло до повреда на член 8 од Европската конвенција за човекови права во предметот на А.В. против Словенија (жалба бр.878 /13, 09.04.2019 година). Предметот се однесуваше на одлуката на домашните судови за одземање на правото на г-дин А.В. да одржува контакт со своите деца и на работата на институциите за социјална заштита.

По нивното раздвојување, жалителот и неговата поранешна сопруга, М., склучиле договор за одржување контакт со неговите три деца. Проблемите во врска со спроведувањето на таквиот договор се појавиле во јуни 2006 година. Следствено, жалителот  немал контакт со своите деца во периодот од јули 2006 до ноември 2008 година. Во судските постапки покренати од жалителот во јули 2006 година, психијатарот-вештак назначен од судот изјавил дека децата сметале дека контактот со нивниот татко е непријатен и го одбиле истиот. Во април 2008 година, Окружниот суд му досудил на жалителот право на редовни контакти еднаш неделно во присуство на училишен психолог. По жалбата, Вишиот суд утврдил дека таквите контакти треба да се одржуваат секоја втора среда во присуство на стручен соработник од Центарот за социјална работа. Во јуни 2011 година, Окружниот суд донел одлука за прекин на контактите помеѓу г-дин В. и неговите деца, утврдувајќи дека таквите контакти повеќе не биле во најдобар интерес на децата, бидејќи биле премногу трауматични. Вишиот суд ја одбил жалбата на таквата одлука, а уставната тужба била исто така неуспешна.

Повикувајќи се на членот 8 (право на почитување на приватниот и семејниот живот) од Европската конвенција за човекови права, жалителот сметаше дека дошло до повреда на неговите права поради одлуките на домашните судови за одземање на неговото право на контакт со неговите три деца, нивното одбивање да наложат семејна терапија и поради наводно несоодветната работа на институциите за социјална заштита.

Судот обрнува внимание на мислењето на вештакот – психијатар, според кое воспоставувањето на контакт помеѓу децата и жалителот е можна само доколку се одреди семејна терапија – мерка што претходно била побарана од страна на жалителот и предложена од Центарот и од домашните судови. Сепак, тој забележува дека домашните судови никогаш не наложиле таква терапија. Така, Судот утврди дека во конкретниот случај домашните власти не постигнале правична рамнотежа помеѓу правото на жалителот на почитување на неговиот семеен живот, од една страна, и целите кои ги навела тужената Влада, од друга, и не ги исполниле своите позитивни обврски согласно член 8 од Конвенцијата. Оттука, постои повреда на член 8 од Конвенцијата.

Преземено од официјалниот сајт на Европскиот суд за човекови права